Заев-Брегу: Македонија и земјите од Западен Балкан посветени на меѓусебната соработка и активностите на патот кон ЕУ

Република Македонија посветува посебно внимание на регионалната соработка, сметајќи дека е од витално значење за европската интеграција на целиот регион и во континуитет активно учествува во работата на сите регионални организации и иницијативи, особено Регионалниот совет за соработка (РСС) како оперативна рака на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).

Ова го истакна премиерот Зоран Заев на средбата со Мајлинда Брегу, новоименуваната генерална секретарка на РСС, извршно тело на ПСЈИЕ, чиј основач и полноправен член е и Република Македонија, додавајќи дека сите земји, особено од Западниот Балкан мораат да ја искористат шансата за создавање најдобри услови за конкурентна и одржлива економија, по примерот на економијата на ЕУ.

Како што соопшти владината прес-служба, на состанокот беше изразена поддршка за неопходноста на поврзувањето  на регионот и интеграција на националните економии во единствен пазар, како и на проектите на кои Република Македонија работи на поврзување на земјата преку енергетска, патна и железничка инфраструктура, поврзување на луѓето и споделување на заедничките вредности, човечки ресурси и интелектуален капитал, како заеднички интерес за сите земји од регионот.

Исто така, се додава, беше поздравен почетокот на преговорите за Договорот за заемно признавање на професионалните квалификации меѓу земјите од Западен Балкан и позитивно беа оценети искуствата за успешно организираниот Регионален дигитален самит.

Генералната секретарка на РСС Брегу, се додава, на премиерот Заев му честиташе за посветеноста на имплементирањето на Договорот од Преспа, кој го отвора патот на Македонија до заслуженото место во Европската Унија и е огромна шанса за остварување на перспективите за сигурна иднина на државата и граѓаните на Македонија.

Двајцата го поздравиле начинот на кој напредуваат билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Албанија, особено истакнувајќи ги заедничките приоритети на двете земји, односно инфраструктурната поврзаност, трговската и економската соработка, стои во соопштението.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *