Заев: Мајкрософт сериозен партнер на Република Македонија

Премиерот Зоран Заев, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и претседателот на Националниот совет за ИКТ во Владата Владимир Цветковиќ денеска се сретнаа со генералната менаџерка на Мајкрософт за 24 држави од Централна и Источна Европа Анке ден Ауден.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, беше заклучено дека соработката со оваа врвна и светски позната ИТ компанија ќе се продлабочува и во таа насока Мајкрософт претставува сериозен партнер на Република Македонија, особено во процесите на дигитална трансформација и обезбедување на сајбер безбедност. Беше разговарано, како што се наведува, да се работи на заедничка платформа што ќе опфаќа соработка на повеќе полиња, а целта што треба да се постигне е граѓаните да почувствуваат директни придобивки од дигитализацијата на одредени процеси и услуги.

– Со нашето зачленување во НАТО се зголемува потребата, но и наша обврска е да работиме на зголемување на безбедноста и сигурноста на сајбер просторот. Во тој процес исклучително важна е помошта што Мајкрософт како водечка ИТ компанија во светски рамки може да и ја пружи на Република Македонија, порача премиерот Заев.

Заев, како што се наведува во соопштението, ги информираше генералната менаџерка и претставниците на компанијата Мајкрософт дека оваа година е планирано намалување на данокот од добивка за информатиката  и информациони технологии од 10 на три отсто и оцени дека оваа мерка заедно со нашето членство во НАТО ќе претставува доволен поттик за компании од ИТ секторот да ја препознаат Република Македонија како стабилна земја и долгорочна бизнис дестинација и да реализираат нови инвестиции во Република Македонија.

– Премиерот Заев информираше и за финансиската поддршка предвидена преку Планот за економски раст за компаниите и за развој на нови иновативните проекти на младите луѓе. Целта е да се поттикне креативноста на младите луѓе да создаваат, да ги препознаат новите перспективи што се отвораат со членството на земјата во НАТО и да почувствуваат сигурност од државата и мотив да останат, живеат и работат во Република Македонија, се вели во соопштението од Владата.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *