Ерјавец: Словенија дава безрезервна поддршка за Македонија, ја разбира жртвата што се дава на патот до НАТО

Словенија го прифати Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО, што треба да биде ратификуван од сите земји-членки на Алијансата, пред Македонија и официјално да стане 30. членка. Протоколот без проблем е прифатен од сите земји-членки, а сега се чека Договорот од Преспа да биде ратификуван во грчкиот Парламент, по што ќе настапи и процесот на ратификација на Протоколот во земјите-членки, а Грција е првата држава која најави дека ќе го стори тоа.

Во посета на Македонија денеска престојува словеченкиот министер за одбрана, Карл Ерјавец, кој ја пренесе безрезервната поддршка на Словенија за членството на Македонија во НАТО и во ЕУ.

На заедничката прес-конференција со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, нагласи дека пред оваа функција тој седум години бил во словенечкото Министерство за надворешни работи и додаде дека е свесен колкава желба и волја се потребни за да се оди по патот на евроатлантските интеграции.

Словенија оваа година одбележува15 години од членството во НАТО, а Ерјавец се потсети дека и неговата земја морала да прави компромиси, како тој со Италија за да стане полноправна членка.

-Многу добро знам во каква положба е Македонија и што се мора да направи за да влезе во ЕУ и да стане членка на НАТО сојузот. Република Словенија веќе даде согласност за претпристапниот протокол, истакна Ерјавец и изрази оптимизам дека и грчката страна ќе го исполни својот дел од Договорот.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска истакна дека според проценките на Владата недели ја делат Македонија од можноста да седне заедно на иста маса со сојузниците.

-Треба да ги почитуваме процедурите и во Грција, но и во НАТО. За земјите-членки меѓу кои и Словенија да го потпишат протоколот за пристапување потребно е Преспанскиот договор да биде целосно ратификуван и очекуваме оваа недела грчкиот Парламент да го исполни својот дел од обврските. Во моментот кога Преспанскиот договор ќе биде целосно ратификуван и од страна на Македонија и од страна на Грција очекуваме сите 29 земји-членки релативно во кус и ефикасен период да го потпишат протоколот за пристапување по што Грција ќе може да го ратификува. Грција не може да го ратификува протоколот, ако тој е не е потпишан или ако не е подготвен од страна на НАТО. Добро е што во процедурата на изготување на протоколот ниту една земја членка на НАТО немаше ниту едно отворено прашање и практично тој беше одобрен низ една процедура на молчење, нагласи Шекеринска.

Нагласи дека Македонија е горда на своето постигнување и додаде дека Владата за неполни две години успеала да ја нормализира државата, да ги врати на сила основните демократски правила и узанси, да спроведе важни реформи и во делот на одбраната, ја врати слободата на медиумите.

-Како Словенија и вие имате право да бидете горди на овој наш успех, бидејќи успехот на нашата држава на планот на членството во НАТО и ЕУ има силна словенечка боја, рече Шекеринска.

Потсети дека словенечката Амбасада е контакт Амбасада на Македонија за НАТО, а шефот на НАТО канцеларијата за врски е словенечки офицер и додаде дека Словенија е сериозна држава и таа својата поддршка не ја дава бланко.

Соработката меѓу двете армии се развива повеќе години, одржувани се заеднички воени вежби, а прв пат дополнително оваа година припадници на АРМ ќе имаат можност да се школуваат на НАТО серитифицираниот курс во организација на школата за операции земја-водух во рамките на словенечките вооружени сили. Кон средината на минатата година е обновен Меморандумот за разбирање во делот на користење на армиските полигони во двете земји.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *