„Седумдесет години со планините“ – изложба на фотографии од Томе Лисичанец во Кавадарци

„Седумдесет години со планините“ е насловена изложбата на фотографии од Томе Лисичанец, која денеска беше отворена во Музеј галеријата на Кавадарци. Ова е трета самостојна изложба на кавадаречкиот планинар и екологист, а посетителите имаат можност во наредните петнаесетина дена да погледнат околу 160 фотографии.

Директорот на музејот, Петре Камчевски информираше дека авторот со оваа изложба, одбележува еден убав јубилеј од неговата активност како планинар.

– За време на овој период, Томе ги има искачено скоро сите повисоки врвови во Македонија, но и тие во Бугарија и во соседна Грција. Ги има поминато сите позначајни планинарски трансферзали во овие земји. Го знаеме и како активен екологист, еден од основачите на еколошкото друштво во Кавадарци. Љубител на природата, природните реткости, еден од организаторите на главната манифестација ден на дрвото и еден од ретките заштитници на ретките птици, конкретно на белоглавиот орел. Честопати можеме да го видиме горе на висорамнината Витачево кај хранилиштето, како ги потхранува овие ретки птици. Постојано го носи со себе неговиот фотоапарат и ги слика сите позначајни моменти. Тука има и фотографии од 1953 година, кога имал само 18 години. Тоа е неговиот би рекол прв излет надвор од Македонија. Со велосипеди отишле во соседна Бугарија, со цел да планинарат, рече меѓу другото Камчевски.

Љубомир Котевски, член на Претседателството на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија, му се заблагодари на Лисичанец за сите заеднички доживувања во планинарството.

– Секогаш со него било убаво, секогаш ќе слушнев нешто ново, му благодарам за овој убав настан. Знам колку труд и љубов се вложува за да се организира една ваква изложба. Потребно е и чувство да се опфатат сите тие моменти, убавини, предели, на кои што сме биле, престојувале и благодарение на неговото чувство за убавините на природата и односот кон природата, присутни сме на оваа изложба. Се надевам дека и понатака ќе биде активен, дека ќе присуствуваме и на многу други вакви убави настани, нагласи тој.

Авторот рече дека отсекогаш сака да ги споделува импресиите, љубовта и восхитот кои ги доживува на планините.

– Затоа секогаш сум придружуван од фотоапаратот, некогаш и по цена на расправии бидејќи ја кочам целата екипа, само и само да регистрирам нешто убаво од природата, да можам да го покажам и на другите. Мојот пријател Љубе беше наш водач на најдолгата, западната трансферзала, која ја поминавме за осум дена, во едни прилично сложени услови. Оваа изложба за мене претставува и една ретроспектива на целиот мој живот за којшто велам дека беше предодреден да бидам планинар, додаде Лисичанец.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *