Жариштето на секоја политичка криза е лоцирано во Управата за безбедност и контраразузнавање и нејзиниот оддел за техничка поддршка. Предложените законските решенијаенија за следење на комуникациите не ја острануваат можноста за злоупотреба и несовесно работење, смета македонскиот претседател Ѓорге Иванов.
Тој во своето годишно обраќање пред македонското Собрание истакна дека со овие законски решенија не се отстрануваат ниту забелешките на претставниците на ЕУ. Од 2015 година до денеска, смета тој, препораките на Прибе не се имплементирани, а тоа, како што рече е основа да се сомневаме дека се уште постои злоупотреба на системот, дека се уште се монтираат случаи и дека се уште надлежни институции не постапуваат во согласност со своите законски надлежности.
– Не случајно повеќе од една година упорно повторувам дека приоритет на Владата мора да биде системска реформа во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија. Некој ќе каже дека тие реформи веќе се во тек. Се предлагаат закони за основање на Оперативна техничка агенција и за следење на комуникациите. На прв поглед, се имплементираат ургентните реформски приоритети на Унијата. Сепак, тука има неколку проблеми. Прво, во овој процес отсуствува вклученост и дијалог со субјектите кои носат одлуки за реформите во УБК. Второ, гледаме парадокс: оние кои треба да се реформираат сега ни ги водат реформите. Оние кои доаѓаат од театарот на генерирање кризи сега ни нудат решенија за излез од кризи, рече претседателот Иванов.
Додаде дека семејните врски и конфликтот на интереси на персоналот во УБК се основа за злоупотреба и несовесно работење во службата.
– Со предлог-законските решенија не се отстрануваат забелешките на високите експерти на Европската Комисија. Можноста за злоупотреба и несовесно работење останува непроменета, рече македонскиот претседател.
Истакна оти поради сето ова е потребно неодложно спроведување на реформите и оти решенијата се наоаѓаат во постојниот Закон за внатрешни работи, каде одговорното лице уште сега може да иницира измена на внатрешните акти за да ја промени структурата на УБК и да го издвои Одделот за оперативна техника како самостојна организациона единица во состав на МВР.
– Ништо не го спречува уште сега да пропише посебни услови за работните места на полициските службеници кои вршат и водат постапки за следење на комуникации и полициски операции. Со тоа веднаш ќе се отстрани дел од суштинските забелешки на Прибе до наоѓање на општоприфатлив модел за следење на комуникации, рече претседателот Иванов.
Научените лекции од минатото, како што рече, посочуваат дека отсуство на ветинг процедури и кодекс на професионална етика во комбинација со семејни врски меѓу високите политичари и високите функционери во УБК е формула за злоупотреба на службената положба и несовесно работење.
– Субјектите на системот за национална безбедност и одбрана, но и дипломатијата, мора да воведат кодекс на професионална етика за превенција на конфликт на интереси меѓу персоналот и член на неговото потесно семејство со странски амбасади, странски корпорации, граѓански организации и фондации кои се приматели на странска помош, порача во обраќањето Иванов.
Исто така, смета Иванов, одговорните лица кои управуваат со институциите можат да иницираат измена на актите со кои се пропишува систематизација на работните места и употреба на средства и методи за да спроведат рамка за имплементација на ветинг процедури со задолжително полиграфско тестирање и форензика врз персоналот и изворите.
– Затоа, ако навистина сакаме да се помириме, треба да ја вложиме енергијата во системските реформи во согласност со препораките на Прибе. Очекувам Владата како предлагач и Собранието внимателно да го проучат извештајот на Прибе и дословно да ги применат препораките за контрола над службите за безбедност. Ако навистина сакаме европска иднина, тогаш мора да ги примениме препораките на Европската Унија, истакна македонскиот претседател Иванов.
This article had me hooked! For further reading, check out: DISCOVER MORE. What are your thoughts?