Меркел со поддршка на Договорот од Преспа

Вниманието на грчките медиуми по средбата на Ангела Меркел со Алексис Ципрас го монополизираше ставот на германската канцеларка во однос на Договорот од Преспа, а се чини дека токму решението меѓу Македонија и Грција била една од главните теми на разговорите во премиерската палата во Атина.

На прес-конференцијата по средбата со Ципрас, Меркел го користеше името Северна Македонија за нашата земја и рече дека Договорот од Преспа не носи придобивки само за Северна Македонија која може да стане членка на НАТО и ЕУ, туку е во корист и на Грција и на цела Европа, јави дописничката на МИА од Атина.

-Благодарна сум на Алексис Ципрас, кој работеше на решавање на долгогодишното прашање за името, обидувајќи да најде решение заедно со премиерот на соседната земја, господинот Заев. Мислам дека овде станува збор за нешто за кое секој од нас знаеше дека нема да доведе до лесно решение, но сега со името Северна Македонија за сите нас и овде говорам во име на Германија, се создава јасност и ѝ дава можност на Северна Македонија да може да стане член како на НАТО, така и на Европската унија. Но, ова не е добро само за Северна Македонија, туку е добро и за самата Грција, рече Меркел и му честиташе на Ципрас за решителниот чекор „кој не е во корист само за Северна Македонија и Грција, туку и за цела Европа“.

Грчкиот премиер од своја страна рече дека Договорот од Преспа може во иднина да биде модел за решавање на спорови.

Германската канцеларка, одговарајќи на новинарско прашање во однос на тврдењата на лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис за размена на договорот за името со пензиите, рече дека „не постои никаква врска меѓу активностите за прашањето за името и прашањето за економските реформи“ и додаде дека е изненадена што требала да споменеме нешто такво.

-Секако дека ќе постојат различни ставови и секако јас нема да се вмешам во различните планови на политичките партии во Грција. Јас, едноставно би сакала да го пропагирам крајот на прашањето со името. Ќе разговарам со Мицотакис без да сакам да дадам голема вредност на мојата улога, но верувам дека ова што се случува, решението на името ќе биде во корист на Северна Македонија, на Грција, но и на Европската унија. Длабоко сум убедена за ова, истакна Меркел и додаде дека онака како што целото прашање го поставила на прес-конференцијата ќе му го претстави и на Мицотакис на нивната денешна средба, но смета дека нема да може да влијае и да ја смени ситуацијата само затоа што говорела како канцеларка на Германија.

Освен со Мицотакис, Меркел денеска ќе се сретне и со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *