Божикното послание на Поглаварот на МПЦ Неговото блаженство, Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г. г. Стефан

СТЕФАН

ПО МИЛОСТА БОЖЈА

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,

ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД,

ПО ПОВОД БОЖИКНИТЕ ПРАЗНУВАЊА,

ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА

ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ,

МОНАШТВОТО И ДО СИТЕ ЧЕДА

НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

 

 

 

Бог на земјата се јави

и со луѓето поживеа.[1]

 

Возљубени чеда во Господа,

Многубројни се тајните преку кои Бог се грижи за светот и човекот. Преку тие тајни созданието се облагодатува и воздигнува и е во единство со Бога. Нив Бог ги објавил и преку Црквата ги оставил заради спасение на човечкиот род. А најголема тајна во исто­ри­јата на светот и човекот е таа дека – Бог се јави во тело[2], дека Бог постана – Бого­човек.

Токму празникот Рождество Христово е денот во кој се исполни таа најголема тајна, ветена од Бога – денот без кој ќе беше невозможно спасе­нието на човечкиот род. Овој празник е денот на исполнетото време[3], на остварените пророштва и очекувања, празник матица на сите празници. Без Рождеството немаше да го има Воскресението, но и без Воскресението немаше да се исполни Божјото вочовечување[4]. Затоа Божик е празник на небоземната радост – денот кога сите битија Го слават Бога и се радуваат на спасоносниот настан!

Тој е највеличествениот ден, денот на неповторливата радост за севкупното создание: анге­лите го објавија спасоносното рождество на Синот Божји и Му прине­соа славословие; не­бесата – со бол­скотот на ѕвездата Му се покло­ни на Царот над царевите, а земјата Му дари пештера; муд­реците од Исток и пастирите од Витлеем со радост Го просла­вија и Го даруваа Богомладенецот, а човечката при­рода Му ја дару­ва Пречистата Богородица – Неговата Мајка. Затоа, нашиот свети Климент, Охридскиот Чудотворец, така поучува: „Милостивиот Господ Бог наш…, Кој се облече во нашето тело сакајќи да го обожи со Своето Божество, денес се раѓа од чиста Дева и како дете се повива во пелени… и во јасли како сиромав човек се положува” [5].

 Возљубени празникољупци,

Празникот на Христовото рождество е празник на богославењето, празник на мирот и на добрата волја. Тој е денот кога, според предвечната одлука[6], се родил Најкрот­киот и Нај­сми­рениот, денот во кој Бог му дарува мир на сиот свет. Тој е денот кога луѓето, кои во себе Го носат Христа Миротво­рецот, се придружуваат на светоангелската пес­на: Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра вол­ја[7].

Свети Јован Златоуст, објаснувајќи ги значењето и улогата на мирот, истакнува: „Мирот е мајка на сите добрини, темел на секоја радост и извор на сека­ков успех”[8]. А ние ќе се покажеме како вистински христијани и миротворци – само ако мирот Божји владее во срцата наши [9] и доколку градиме и го чуваме мирот, и во себе и околу нас. Таму каде што нема вистински мир со Бога, таму нема ни мир ни добра волја меѓу луѓето. Затоа, на овој ден, но и во сите денови од нашиот живот, за миг да се пренесеме во витлеемската пештера – која е симбол на Божјото смирение и на Божјата љубов, и да твориме и возвраќаме со богољубие и со човекољубие. Всушност, колку повеќе растеме, живеејќи ја верата во Бога, толку повеќе ќе имаме љубов и кон Него и кон луѓето!

Меѓутоа, во какви меѓучовечки и меѓународни односи живееме денес, како сѐ уште да не е слушната ангелската песна, како да не е разбрана пораката за мир на земјата и како да не допрел повикот за добра волја меѓу луѓето. Денес многумина зборуваат за мир, а сѐ повеќе тежнеат кон војна, зборуваат за благосостојба, а сејат кризи меѓу земјите и народите. Па има ли денешнава генерација морални и мудри луѓе, кои човештвото ќе го насочат кон искрено и вистинско човекољубие? Има ли денешново човештво пастири, кои народите ќе ги упатат по патот на вистината и животот? И има ли некаде, па и меѓу нас, слични на оние витлеемци, кои во срцата и душите свои ќе најдат место и ќе Му подарат пештера на Господа? Конечно, ќе го најде ли современото човештво вистинскиот пат, патот на мирот Божји што надвишува секој ум[10], или, пак, ќе продолжи кон бездната на злото и гревот, кон раздори и војни?!

Возљубени чеда во Христа Спасителот,

Личноста на Богомладенецот, никогаш не му била попотребна на човечкиот род и на светот како денес. Тој прекрасен небесен Гостин дојде меѓу нас луѓето, за да влезе под покривот на нашите души, да почука на вратата од нашите срца и да влезе во секој дом. Бог постана Богочовек, за човекот да тргне по патот кој води кон Него, да ги разбере вистината, правдата и љубовта и вистински да живее според заповедите и законот Божји. И ова наше време е вистинско време за конечно да го најдеме и да тргнеме по патот Господов. А тоа ќе можеме да го направиме само доколку најпрво се помириме со Бога, потоа со самите себе и со сите околу нас. „Со ништо не можеме толку да Го подражаваме Христа, како со грижата за ближните“ [11], вели свети Јован Златоуст. Тоа ќе го направиме ако вистински се покаеме за нашите гревови, ако стариот грешен човек го замениме со нов – охристовен и облагодатен. А токму во личноста на Господ Исус Христос даден ни е пример[12] и во Него имаме образец как­ви треба да бидеме. Преку Него ни се даде можност како да се преобразиме во нов човек, како да Го придобиеме Светиот Дух и како духовно да се издигнеме.

Возљубени во Господа,

Патот кон вечниот живот, води преку нашата борба со гревот. Секој грев оддалечува од Бога, па, затоа, пот­реб­но е да се спротивставуваме на секое зло, трудејќи се преку вера и добри дела да ја возоб­новиме заедницата со нашиот Создател. Бог го очекува нашето поправање, очекува да го отфрлиме гревот, па преку покајанието духовно да се препородуваме и воздигнуваме. Бог постојано чука на дверите од нашите срца и ни порачува: pо примерот на Светиот кој ве повика, и вие бидете свети во сите ваши постапки[13]. Зашто „не постои грев од кој не можеме да се поправиме преку покајанието…“[14]. „Покајанието е лекарство кое го уништува гревот; тоа е небесен дар, чудес­на сила… Тоа сѐ поправа и сѐ пре­обра­зува! Тоа не го одбегнува и не го осудува грешникот, туку го преобразува, затоа што тоа лекува од сите гревови” [15].

Господ Исус Христос ни порачал: Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога[16]. Па, само со такви, охристовени срца, ќе можеме да постанеме вистински благовесници на мирот и љубовта, трудејќи се да го запазиме единството на Духот преку врските на мирот [17] и тежнејќи кон заемно обединување со сите богољубиви и човекољубиви луѓе и народи. Впрочем, „на Бога се уподобуваме тогаш кога постапуваме во согласност со вистината, кога сме човекољубиви, кога покажуваме милосрдие кон ближните и кога сме исполнети со добродетели“ [18].

Возљубени чеда на мајката Македонска Црква,

Во годината во која зачекоруваме, ќе одбележиме некои годишнини за настани и личности од нашето поблиско и подалечно минато, меѓу кои: 1150 години од упокојувањето на сесловенскиот просветител и рамноапостол, свети Кирил Солунски; 700 години од живописувањето на манастирот Зрзе; 200 години од раѓањето на Дичо Зограф; 60 години од хиротонијата на блаженоупокоените епископи, Преспанско-битолскиот Климент и Злетовско-струмичкиот Наум – членови на првиот Синод на возобновената Охридска архиепископија во лицето на Македонската православна црква…

Веќе 2000 години чекориме по нашата богоблагословена земја и ја следиме ѕвездата од Исток. Како чеда на Македонската православната црква, повикани сме да учествуваме во сеопштата Божикна радост со сите благочестиви христијани ширум светот. Без разлика каде и да живееме, во татковината или населени по светот, треба да ги примиме спасоносните пораки и да бидеме градители на мирот и добрата волја. И оваа наша генерација треба да се угледа на доблесните наши татковци и дедовци и да покаже достојна грижа за националните вредности и посебности што како народ ни се дарувани од Бога и оставени како аманет од нашите претходници. Да си ги чуваме верата православна и Црквата Светиклиментова, нашето духовно и национално единство, како и нашата татковина Македонија – за и тие да нѐ зачуваат нас. Амин!

Честит Божик и од Бога благословено Новото лето Господово! Христос се роди!

АРХИЕПИСКОП

ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

С Т Е Ф А Н

Заедно со членовите на Светиот архиерејски синод

на Македонската православна црква – Охридска архиепископија

ПЕТАР, Митрополит Преспанско – пелагониски и

администратор Австралиско новозеландски

ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско – кичевски и

администратор Австралискосиднејски

НАУМ, Митрополит Струмички

АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски

МЕТОДИЈ, Митрополит Американско канадски

ПИМЕН, Митрополит Европски

ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички

ЈОСИФ, Митрополит Тетовско гостиварски

ЈОСИФ, Митрополит Кумановско осоговски

ГОРАЗД, поранешен Митрополит Европски

КЛИМЕНТ, Епископ Хераклејски

ЈАКОВ, Епископ Полјански

                                                                    

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *