Трио „Интерарт“ со познати музички дела ја освои ресенската публика

Новогодишната програма на јавната општинска установа Дом на култура „Драги Тозија“ – Ресен, синоќа продолжи со концерт на класична музика што го одржаа уметниците од трио „Интерарт“ од Битола.

На синоќешниот целовечерен концерт публиката проследи дел од нивниот богат репертоар, празнично и предновогодишно адаптиран со дела од познати композитори.

– Се обидовме да дадеме свој придонес кон разубавувањето на предновогодишните празници кај жителите на Ресен, нудејќи една убава, преработена музика, која лесно допира до секој слушател. И овој пат се уверивме во срдечноста и уживањето на присутната публика, која не награди со голем аплауз. Салонот на ресенскиот Сарај нуди одлична акустика и е место на кое веќе сме свиреле, но секогаш со задоволство повторно доаѓаме, истакна  флејтистката Емилија Ристевска Стефановска.

Според Васко Василевски, директор на Домот на културата во Ресен, соработката со трио „Интерарт“ е на високо ниво, а предновогодишната програма ќе продолжи и во наредните денови.

– По синоќешниот концерт, следува настап на учениците од Школата за пијано во Ресен. Учениците од Школата за пијано, која работи во состав на Домот на културата „Драги Тозија“, а ја раководи професорот Гоце Милошевски, веќе има одржано неколку концерти во Ресен, а ученичка од оваа школа освои и меѓународна награда. Вечерашниот концерт под наслов „Класика во филмските хитови“ ќе донесе преработка на познати филмски нумери за пијано, посочи Василевски.

Утревечер во Ресен ќе гостува Народниот театар од Битола чии актери ќе ја изведат комедијата „Пијани“.

Предновогодишната програма во Ресен ја организира ЈОУ Дом на култура „Драги Тозија“ и е под покровителство на општина Ресен.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *