Промовирана поштенска марка „75 години од депортацијата на Евреите во Македонија“

Во организација на „Македонска пошта“ денеска беше промовирана поштенската марка „75 години од депортацијата на Евреите во Македонија“. Марката има непроценлива вредност бидејќи во себе носи дел од тажната историја на еврејскиот народ во Македониан и ширум светот.  Издадена е на 19 септември годинава со номинална вредност од 50 денари и тираж од 6.000 примероци. Дизајнот е на Татјана Поцевска, дизјанер на „Македонска пошта“.

На промоцијата се обратија вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, амбасадорот на Израел во Македонија Дан Ориан, директорот на АД „Македонска пошта“ Ејуп Рустеми и директорот на Институтот за културно и духовно наследство на Албанците Скендер Асани.

Вицепремиерот Османи потсети на прогонот на Евреите од Македонија во текот на Втората светска војна и додаде тоа никогаш да не се повтори. Се осврна на предизвиците низ кои поминува Република Македонија во овој период стремејќи се да ја зацементира својата евроатлантска ориентација.

Според него, одбележувањето на денешниот ден претставува континуитет на нашата суштинска определба, да бидеме дел од создавањето, од негувањето и промоцијата на вредностите на кои почива западната цивилизација.

– Како политичари, како Влада, но и како земја, како граѓани остануваме целосно посветени на изградбата и зацврстувањето на интегративните предизвици со кои се соочуваме, најпрвин внатре, преку негување, на принципите на соживот, на еднаквост, на правичност, но и надворешно, вложувајќи огромни напори во историското помирување на народите и затворањето на меѓусебните прашања, како основен предуслов за европската интеграција на целиот Балкан, додаде Османи.

Амбасадорот на Израел во Македонија Дан Ориан информира дека поштенската марка веќе патува во Израел и следната недела секој од нивните министри и премиерот ќе добие писмо на кое ќе стои токму оваа марка. Тоа, како што рече, не е нешто што често се случува.

– Нашите односи со Македонија растат и се прошируваат во многу области, потенцира Ориан. Додаде дека поштенската марка нема да биде само на писма или на пратки, туку ќе патува низ светот како симбол.

Директорот на АД „Македонска пошта“ Ејуп Рустеми истакна дека оваа поштенска марка е симбол на зближување на луѓето без разлика на нивната припадност и религија.

– Важно е да си помогнеме секаде и на секој на кој му е потребна нашата помош. Приказната на оваа поштенска марка е токму тоа. Поштенските марки се уметнички дела каде на мал простор е претставена културата и историјата на државата која ја издава таа марка. Таа е амбасадор кој ги премостува границите и ги спојува луѓето и нивните судбини, рече Рустеми.

Директорот на Институтот за културно и духовно наследство на Албанците Скендер Асани се осврна на историската вредност и значајност на оваа поштенска марка.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *