Поранешниот премиер Никола Груевски, за кого е издадена национална потерница за отслужување двегодишна затворска казна за случајот „Тенк“, вчера бил баран во неговиот дом, а потрагата ќе продолжи на уште неколку локации. Се спроведуваат и други мерки, како прегледи на возила, а зајакнато е полициското присуство на излезот од Скопје и на граничните премини.
Ова го изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во изјава за медиумите, по регионалната конференција „Справување со антисемитизмот и адресирање на безбедносните потреби на Еврејските заедници“ одговарајќи на новинарски прашања за тоа каде е поранешниот премиер, дали е во државата и каде ја гледа одговорноста поради тоа што тој е во бегство
Има безбедносни проценки кои ги користат службите, рече Спасовски, и додаде дека полицијата работи на анализирање на сите информации со кои располага.
– Не очекувајте дека ќе поставиме еден линк на плоштадот и заедно со полицијата и медиумите да ја спроведуваме целата акција. Сите информации кои ги имаме ги анализираме и работиме во однос на обезбедувањето на лицето, но тоа не можеме слободно во јавноста да го споделуваме и сите заедно да го следиме, рече министерот за внатрешни работи.
Во врска со тоа дали ќе влезат во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, Спасовски рече дека доколку полицијата има налог ќе влезе во која било зграда и додаде дека вчера немале намера да влезат во партијата, ниту имале налог за тоа.
Тој напомена дека вчера немало никаква опсада на политичка партија, ниту на кој било друг објект и додаде дека полицијата постапувала врз основа на наредба дадена според проценките за можните локации. Додаде дека имало контроли во близина на седиштето на партијата.
Како дезинформации ги оцени тврдењата дека Груевски со недели го чуваат пред неговиот стан.
-Груевски до вчера до 16:30 часот, додека Судот ја издаде наредбата и потерницата беше слободен. Тој има лично обезбедување, кое го користи на повик, но тоа не е обезбедување кое 24 часа е со него пред станот или кај и да се движи. Дваесет и четиричасовното обезбедување кое го има лично го користи на негов повик и последен пат неговото обезбедување го оставило дома на 8 ноември, некаде околу 23 часот, според изјавите на припадниците на обезбедувањето, истакна Спасовски.
За тоа што Груевски во моментов е бегалец смета дека одговорноста треба да ја преземат оние што одредуваат мерка притвор.
–Размислувам во однос на одговорноста на оние на кои им одредуваат притвор на лицата за кои постои опасност да избегаат. Ги пуштаат слободно да се движат низ државата, слободно да ги обавуваат сите работи кои ги обавуваат и на крај кога се носи пресудата тие не се во притвор за да можат да бидат обезбедни, иако се со повеќе кривични дела. Притвор се одредува за случаи на разбојништво и тешки кражби, а за потешки случаи не се одредува. Полицијата работи исклучиво по наредбите кои ги издава судот и таа без наредба не може да следи кого било и постојано да биде присутна со него, околу него само заради тоа што се води судска постапка против него, рече Спасовски.
Истакна не е законски полицијата да следи такви лица. -Спротивно на законот е ако продолжиме да следиме како што следеа порано, тогаш ќе имаме сериозен проблем. Следењето треба да биде врз основа на закон, рече Спасовски и додаде дека во однос на можноста за распишување меѓународна потерница тоа е работа на судот.