Новогодишен концерт на прилепското музичкото училиште

Прилепското основно музичко училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“ синоќа, по 22-ри пат,  во народниот театар „Војдан Чернодрински“ го одржа традиционалниот новогодишен концерт, на кој учениците се претставија со дела на клавир, виолина, флејта, труба, кларинет, хармоника, на народни инструменти и соло пеење.

Директорот на музичкото училиште Ролина Тутеска Димеска вели дека е горда на талентот на учениците кои со посебна радост се подготвувале за концертот за да ги изразат сите свои желби на Новата Година.

– Секоја година основното музичко училиште „Ордан Михајлоски – Оцка“ одржува предновогодишен концерт, за да се прикажат достигнувањата и успесите на нашите ученици. Една од целите на концертот е музиката да не е исклучиво сериозна. Имаме и презентација на популарна музика за да се создаде убава предновогодишна атмосфера. Учениците настапуваат и со божикни песни, за да биде атрактивен целиот настан за публиката, вели Тутеска Димеска.

Моментално во музичкото училиште учат 363 ученици.

– За поголема промоција на училиштето во иднина, планираме повеќе семинари, ревијални вечери, разни настапи, концерти и поголема соработка со другите градови. Она што ни недостасува во овој момент е сала за интерни часови и помали концерти. Училиштето сега е целосно обновено, но на Прилеп му недостасува една концертна сала и таа треба да се изгради во најскоро време, рече Тутеска Димеска.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *