Лицата со хендикеп бараат квалитетно образование и вработување во јавната администрација

Лицата со хендикеп бараат образование кое не е ограничено, специјализирано и кое нуди еднаков квалитет како и за останатите граѓани без хендикеп и да се земе предвид нивно вработување во јавната администрација.

– Постои проблем околу класификацијата и категоризирањето на децата и лицата со хендикеп, како и специјалниот пристап кој го има државата кој наместо кон грижа е насочен кон креирање посебни мерки кои не водат кон еднакви права, туку кон сегрегирање и дискриминација. Имаме во одредени специјални училишта наместо слепите и глувите да учат поквалитетни  програми, државата ги пренасочува од старт да учат само мануелни работи што предизвикува системска дискриминација. Без образование не може да имаме квалитетно вработување, истакна програмскиот раководител на Полио Плус- движење против хендикеп, Елена Кочоска пред почетокот на јавната дебата на тема „Погледни ги способностите – состојбите и предизвиците во вработувањето на лицата со хендикеп“.

Дополнителен проблем, посочи, е нашето вработување и при клаузулата како што вика државата правична застапеност на заедниците во јавна администрација, заедницата за лицата со хендикеп воопшто не е земена предвид.

– Македонија нема статистика за бројот на лицата со хендикеп. Една од препораките на Комитетот на правата на лицата со хендикеп е дека Македонија треба комплетно целосно покрај законодавната рамка да пристапи кон промена на свеста и стереотипите кои државата ги креира за заедницата на лицата со хендикеп. За овие проблеми континуирано зборуваме, но за жал се уште нашето прашање, прашањето на заедницата со хендикеп е на последно ниво на политичката агенда, рече Кочоска.

Додаде дека најголемата застапеност на лицата со хендикеп е во т.н.заштитни друштва, што претставува повторно нивна дискринимација, многу мала е нивната застапеност во приватниот сектор, а уште помала во јавната администрација.

– Денеска се собравме отворено да позборуваме за тоа каде е местото на лицата со хендикеп во процесот на вработување. Сакаме да се информираме какви ќе бидат идните чекори кои ќе ги преземе Стопанската комора на Македонија, а со цел сите категории на лица со хендикеп во оваа земја да бидеме вклучени, бидејќи тоа ни е загарантирано право и според Уставот и според Конвенцијата, Љубиша Савески, долгодишен соработник на Полио Плус- движење против хендикеп.

Претставникот на Стопанската комора на Македонија, Јадранка Аризанкоска рече дека во рамки на ИПА програмата минатата година во партнерство со Полио Плус во Стопанската комора бил формиран Центар за вработување на лица со хендикеп и неговата интенција е да воспостави програми и модули кои ќе ги подготват лицата со хендикеп за да можат да се вклучат на пазарот на трудот.
– Минатата година реализиравме голема серија обуки за лицата со хендикеп. Се реализираа десеттина програми за практикантство и компаниите кои имаат лица со хендикеп како практиканти континуирано бараат од нас да продолжиме со нашите активности, бидејќи се покажа дека лицата со хендикеп се лојални и ги извршуваат задачите на ниво на кое ги бараат работодавачите. За таа цел Центарот за вработување на лица со хендикеп има потреба од поддршка и во координација со Министерството за труд и социјална политика работиме на изнаоѓање на дополнителни средства за да може тој да продолжи да функционира, додаде Аризанкоска.

Дебатата се одржа во организација на Полио Плус – движење против хендикеп, во рамки на проектот „Маргина Обскура“, кој се реализира со поддршка од ЕУ и во соработка со Националното Координативно тело за имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и Стопанската комора на Македонија. Заклучоците и препораките од дебатата ќе бидат доставени до надлежните институции.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *