НБРМ ја ревидира проекцијата за економскиот раст на 2,3 проценти

Корекција за растот на македонската економија од 3,2 на 2,3 проценти направи Народната банка на Република Македонија во есенската ревизија на макроекономските проекции споредено со проекциите во април. Покрај завршување на годината со раст од 2,3 проценти, за следната година НБРМ прогнозира раст од 3,5 проценти, а за 2020 година од 3,8 проценти.

– Во периодот на проекции се очекува постепено закрепнување на домашната економија по стагнацијата со која се соочивме во 2017 година, при оценет раст  на БДП од 2,3 проценти во 2018 година и постепено натамошно забрзување на растот во натамошниот период  и достигнување на одредени солидни стапки на раство 2021 година од 4 отсто, рече денеска на прес-конфеернција  гувернерот на НБРМ, Анита Ангеловска Бежоска.

Новите проекции, како што потенцираше, претпоставуваат стабилно домашно и екстерно опкружување. Надолната корекција е одраз на послабите остварувања во првата половина од година кога очекувавме економски раст од 3,3 проценти, а остварувањата се 1,6 проценти, при што најголемото отстапување е во сегментот на инвестициите.

– Оттаму и во натамошниот период претпоставката која што ја вградуваме за ревитализирање на инвестициите и натаму е главниот пункт на ризик за периодот на проекција исто како и во априлската проекција, рече Ангеловска Бежоска.

Во поглед на структурата на растот се очекува домашната побарувачка да биде главниот двигател на растот со исклучок на годинава кога најголем ефект ќе има нето извозот. Во просек на среден период се очекува дека извозната побарувачка и натаму ќе биде клучниот фактор на растот што е поврзано со активноста на странските извозни капацитети, очекуваниот влез на нови компании и натамошниот раст на странската ефективна побарувачка.

Според гувернерката на НБРМ, значаен стимул врз растот се очекува и од инвестициите од следната година. По нивниот пад лани и оваа година НБРМ проценува нивен солиден раст во следните две години, што ќе биде поддржан од јавните и од странските инвестиции, но и од подобриот амбиент за инвестирање на домашните инвеститори.

НБРМ очекува да продолжи трендот на позитивни промени во структурата на НБРМ по нивниот прекин во 2017 и 2018 година.

Со новите проекции НБРМ изврши надолна ревизија на инфлацијата за годинава на 1,6 проценти наспроти проектираните два процента во април, а се очекува инфлација од околу два процента  во  периодот од 2019 до 2021 година.

НБРМ прогнозира натамошно стеснување на дефицитот на тековната сметка за годинава на ниво од 0,5 проценти, а на среден рок умерен дефицит од 1,6 проценти од БДП. Се врши и нагорна ревизија и на депозитниот раст кој се очекува да изнесува 10,2 процента и 7,7 проценти за годинава и следната година, а кој во априлската проекција изнесуваше 6,5 проценти.

НБРМ  за годинава и догодина проектира повисок кредитен раст во износ од 8,4 односно 8,5 проценти наспроти априлската проекција од 6,5 и 7,7 проценти.

– Најновите проекции на НБРМ за следниот период вградуваат очекувања за стабилен и предвидлив домашен политички амбиент, како и повторно засилување на јавниот инфраструктурен циклус, потенцираше гувернерот на НБРМ.

Последните макроекономски проекции, како што прецизираше, укажуваат на стабилни и сигурни основи на домашната економија со потенцијал за солиден раст, поддржан и од кредитната активност на банките при отсуство на инфлациски притисоци и задржување на поволната надворешна позиција.

Одговарајќи на новинарско прашање Ангеловска Бежоска рече дека еден од клучните ризици и натаму продолжува да биде инвестициската активност.

– Во третиот квартал годинава кај државните капитални инвестиции се уште има пад, но е значително понизок од падот во вториот квартал, ако го гледаме вкупниот индикатор на вкупно извршени градежни работи не се расположливи целосни податоци за целиот квартал и имаме расположливи податоци за само два месеци кои упатуваат на натамошен пад во споредба со вториот квартал кога имаше благ раст на извршените градежни работи, рече Ангеловска  Бежоска.

За годинава во целина, како што дополни, се предвидува пад на инвестициите, а на годишна основа  остварување на позитивни стапки почнувајќи од 2019.

– Во однос на јавниот долг засега ако го споредиме јавниот долг во нашата економија во споредба со други економии со слични карактеристики, не отстапуваме позначајно. За одржливоста на јавните финансии е важно да се одвива процес на фискална консолидација, а суштината на тоа е на крајот да доведе до стабилизација на нивото на јавниот долг изразено како процент од БДП, а потоа и негово намалување, рече Ангеловска Бежовска.

Ревизија на растот на БДП за годинава претходно изврши и Министерството за финансии со предложениот ребаланс на буџетот, намалувајќи ја проекцијата за реалниот економски раст од 3,2 проценти на 2,8 проценти.

 

One thought on “НБРМ ја ревидира проекцијата за економскиот раст на 2,3 проценти

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *