Гоце Македонски (Гојко Јаковлески), алиас Гојко Делчев Рафкин

Гојко Јаковлевски е бранителот и афирматорот на историјата на етничка Македонија и честа на македонскиот народ во светот. Драган Богдановски и Гојко Јаковлески заедно соработувале за иднината на Македонија и ја формирале  Демократската партија за македонско национално единство. Главната цел на Организацијата била обединување на распарчена и поробена Македонија во самостојна македонска држава. Гоце Македонски е еден од основачите на политичката партија ВМРО ДПМНЕ

Гојко Јаковлески, алиас Гојко Делчев Рафкин – Гоце Македонски е исклучително позната, призната и неодминлива личност во македонската дијаспора и во Македонија. Тој, без сомнение, е еден од економски успешните Македонци во светот. Иако подолго време живееше во Берлин, од своето емигрирање до денес тој е длабоко и силно поврзан со судбината, вистината и настаните во Македонија. Гојко е Македонец по националност и православен христијанин по вера. Тој е еден од најголемите иницијатори и организатори на одбраната на македонското име и вистина. Гоце Македонски е бранителот и афирматорот на историјата на етничка Македонија и честа на македонскиот народ во светот.

Инаку, основоположникот на голем број македонски организации во европските земји, познатиот и признат патриот, кој се одреди Македонија да му биде негова цел и иднина, а за тоа и страдалник – Драган Богдановски, му беше близок пријател и соборец на Гојко Јаковлески. Тие заедно соработувале за иднината на Македонија и ја формирале  Демократската партија за македонско национално единство, денес како ВМРО-ДПМНЕ.

Животната приказна за Гојко започнала во убавотоа гостиварско село Зубовце на 20 февруари 1935 година. Зубовце е населба сместена во подножјето на Шар Планина, од каде тој одамна замина, но никогаш не ги заборави својот роден праг и својата Македонија.

Судбината на своите предци – печалбари ја имаше и Гојко, кој на седумгодишна возраст родителите одлучиле да замине во Софија, во екот на Втората светска војна. Во 1942 година, од Софија во Зубовце дошле Јорде и Филка, братот и снаата на Делче, таткото на Гојко со цел да го посинат, да го земат со нив, да живее во Софија и таму да го школуваат. Во Софија ги поминал младешките години. Таму завршил основно и средно образование.

По завршувањето на средното училиште во Софија, во 1955 година Гојко се вратил во неговата родна Македонија, каде го продолжил неговото образование на Шумарскиот факултет на кој студирал четири години. Меѓутоа, во времето кога бил апсолвент и имал уште два испита, Гојко требал да замине во странство на специјализација. Бидејќи добро го зборувал германски јазик бил одреден да го продолжи образованието во Германија,

Дошол денот Гојко да замине од неговото родно Зубовце во Германија, а тоа било на 19 јули 1961 година. Најпрвин дошол во Белград, а потоа заминал за Германија. Додека патувал со возот имал многу време да размислува, да планира, да се радува, а во исто време и да тагува. Постојано си ги поставувал прашањата: како ќе се снајде во непознатиот свет – Германија, колку ќе му значи специјализацијата, што потоа… Многу дилеми и прашања без одговор.

crkva-sveta-marena-zubovce
Црквата „Света Марена“ во Зубовце

Првата дестинација во Германија бил Минхен, каде пристигнал на 5 август 1961 година, а потоа заминал за Баварската Шума, каде што требало да специјализира, најмногу три месеци. Во тој дел на Германија дрвната индустрија е исклучително добро организирана и многу развиена. Тука ја извршувал практичната работа, за што добивал бесплатно сместување, храна и пари.

На 22 август 1963 година, Гојко Јаковлески стекнал статус на политички азилант. За да го стекне тој статус, шест месеци поминал во прифатниот логор за бегалци „Цирндорф”. Логорот се наоѓал во близина на Нинберг, баварска област.

Во Берлин Гојко ја започнал својата бизнис кариера. Имено, во ноември 1966 година, отворил киоск за брза храна, т.н.имбис. Работел деноноќно, со голема љубов и ентузијазам. Бил млад и можел да издржи секаков напор. Бил пресреќен кога пред неговиот киоск започнале да се создаваат долги редици, од што заработувал повеќе пари кои му обезбедувале голема сигурност во работата.

Кога имбисот станал претесен, решил да отвори ресторан. Така, по една година работење со киоскот, во средината на 1967 година, нашол погоден локал што го зел под закуп. Го реновирал и подготвил мени со разни специјалитети, посебно македонски. Ресторанот го нарекол „Скопје кај Македонецот”, односно познат како „Старо Скопје”. Потоа, во строгиот центар на Западен Берлин, на главната улица „Ку-Дам”, Гојко Јаковлевски го отвора ресторанот „Ново Скопје”, кој почнал со работа на 12 јуни 1969 година.

restoran-novo-skopje-berlin

Ресторанот „Ново Скопје” комплетно го реновирал во 1974 година. По тој повод било организирано свечено отворање, чин што го збогатил градоначалникот на Општината Шарлотенбург, д-р Роман Легиен. Притоа, градоначалникот д-р Роман ја сечел лентата со гордиев јазол со меч како Александар Македонски за успешна работа на ресторанот.

На свеченото отворање на ресторанот присуствувале голем број видни граѓани на Западен Берлин, меѓу кои градоначалникот, бизнисмени и културни работници. Истовремено, дошле и многумина Македонци, пријатели на младиот, амбициозен и мошне работлив Гојко, кој го претворил ресторанот во собиралиште на Македонците и Германци кои живееле и работеле во Берлин, како и гости од разни страни на светот кои доаѓале да го посетат Западен Берлин, Берлинскиот ѕид и Рајстагот, кои биле посебна атракција.

Како резултат на познанствата со емиграцијата, Гојко Јаковлевски станал член на Претседателството на Југословенскиот демократски сојуз „Будуќност” на Собранието што се одржало на 1 декември 1962 година во Минхен. На конференцијата биле избрани одбори на Хрватите, Србите и босанските муслимани, а била формирана и македонска национална група која ја водел Гојко Јаковлески, за што добил и легитимација.

Уште во почетните години Гојко Јаковлевски пројавил политичка активност, културна и црковна дејност и контактирал со бројната македонска емиграција во Европа. Според кажувањето на Гојко, во август 1971 година по негово барање го променил името и презимето од Гојко Јаковлевски во Гоце Македонски. Неговите активности биле причина да чека многу години за да добие германско државјанство.

Меѓутоа, неговата упорност и длабока убеденост во чесноста и лојалноста кон германската држава, во која секогаш гледал олицетворение на градење на демократско општество и сигурен праведен посредник, ќе вроди со резултат, со стекнување германско државјанство. Во тоа време во Германија Гоце Македонски станал угледен бизнисмен и почитуван граѓанин, но во исто време со поголема љубов се однесувал кон родната татковина Македонија.

Уште на почетокот на 1972 година, по иницијатива на Димко Нечевски, како претседател и Драган Богдановски како член на револуционерното крило на  Ослободителниот комитет на Македо­нија (ОКМ), Гоце Македонски ја започнал својата активност во македонските патриотски организации.

Главната цел на Организацијата била обединување на распарчена и поробена Македонија во самостојна македонска држава, па затоа таа го примала во своите редови секој кој сакал да работи за обединување на Македонија, без разлика на тоа какви се неговите лични идејни и филозофски разбирања, без разлика на тоа дали е демократ, комунист или антикомунист, како и без разлика на неговите идејно-политички разбирања и партиска припадност.

Инаку, авторитетот на Гоце Македонски меѓу емиграцијата во Западна Германија и пошироко во Европа беше неприкосновен и неподелен. Тој беше моќен човек во сенка или со други зборови некрунисан лидер на македонската емиграција во Европа. Тоа го постигна со неговата постојано тивка и ненаметлива, активност, и заемни контакти, што ги чини со раководството на ДООМ независно од личностите, што биле фракциски поделени во организацијата. Гоце Македонски бил стожер на организацијата. Неговите совети за организацијата биле добредојдени и секогаш биле реализирани.

Во март 1993 година, со формирањето на Иницијативниот одбор за создавање на македонската православна црква „Свети Климент Охридски” во Западен Берлин – Германија, Светиот архијерејски синод едногласно го потврдил и го официјализирал предложениот состав, во кој Гојко Јаковлевски (Гоце Македонски) бил претседател. Потоа на на 27 јануари 2002 година на Годишното собрание, на предлог на надлежниот епархиски архијереј, неговото високопреосвештенство господин Горазд, Гојко Јаковлевски со акламација бил прифатен за доживотен претседател на црковната општина „Свети Климент Охридски” во Берлин.

Гојко Јаковлевски бил член и на Фудбалскиот клуб „Македонија”, од Берлин од 1 јануари 1974 година, со што Гојко ја продолжил неговата спортска активност што ја имал уште како студент во клубот „Хајдук”, од Зубовце. Во Берлин неговата материјална состојба му овозможувала тој да издвојува финансиски средства и да помага за два фудбалски македонски клуба „Македонија” и „Илинден”, како и за други македонски асоцијации, организации и поединци.

gojko-dragan
Гојко
Јаковлески и Драган Богдановски во Минхен

На 7 јули 1976 година, пак, на чело со Гоце Македонски Организациониот одбор на „Обединети Македонци”, во Западен Берлин испратил покана до Македонците кои во тоа време живееле во Западна Германија. Во поканата Одборот ги повикал сонародниците по повод 73-годишнината на македонскиот национален празник „Илинден”, во организација на КУД „Вардар” и фудбалските клубови: „Илинден 1903” и „Македонија” од Западен Берлин, да присуствуваат на свечената прослава што се одржала на 1 август истата година.

Гоце Македонски е еден од основачите на политичката партија ВМРО ДПМНЕ. Имено, во април 1990 година, Богдановски дошол во Берлин, каде со Гоце Македонски, неговиот брат Маноил Јаковлевски–Мане и Стево Доневски–Мајката, го одржале првиот консултативен состанок во ресторанот „Ново Скопје” за формирање на партијата ДПМНЕ (Демократска партија за македонско национално единство) во Република Македонија.

Истата година, на 17 јуни во Домот на младите „25 Мај” во Скопје, на свеченото собрание, кога партијата го доби името ВМРО-ДПМНЕ (Внатрешна македонска револуционерна организација – Демократска партија за македонско национално единство), се обрати на свечениот дел на собранието, почитуваниот, и заслужен за Македонија и еден од основачите на ДПМНЕ – ГојкоЈаковлевски, алиас Гојко Делчев Рафкин – Гоце Македонски.

(Продолжува)

slave-katin-nova
Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *