Комисија на ЈОРМ ќе следи евентуални нерегуларности на референдумот

Јавното обвинителство на РМ формираше Привремена комисија која ќе ги следи евентуалните противправности при организирањето и спроведувањето на референдумот.

Во Комисијата членуваат по еден јавен обвинител од четирите Виши јавни обвинителства и еден обвинител на ОЈО Скопје, изјави денеска јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, додавајќи дека со тоа се покрива целата територија на државата.

– Дадени се задолженија на денот на гласањето покрај редовните да има и дополнителни дежурства, со цел навремено делување ако има евентуални кривични дела, истакна Бајрами.

Тој посочи дека е воспоставена комуникација со сите обвинителства и со припадниците на МВР, кои ќе бидат на терен и ако има некое кривично дело да ги известат за да можат да делуваат навремено да собираат докази.

Целта на ЈОРМ е на овој начин да се потенцира борбата против кривичните дела поврзани со изборниот процес и гласањето и да се даде поголем придонес кон нивно сузбивање и превенирање.

Во таа насока, како што рече Бајрами, Јавното обвинителство на Република Македонија, преку Привремената комисија за следење на евентуални противправности ја повикува јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции и сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со организизирањето и спроведувањето на референдумот, да достават поднесок/пријава до Комисијата на електронската адреса: referendum@jorm.gov.mk.

– Засега атмосферата е мирна. Се надеваме дека како што привршува кампањата во ваква атмосфера ќе се спроведе и референдумот, истакна Бајрами.

Тој посочи дека до Обвинителството досега има една пријава поднесена од политичка партија, и истата е проследена до ЈО Куманово. Пријавата е за кривично дело „поткуп при избори“, додаде Бајрами.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *