Шекеринска: Јубилејна награда за сите припадници на МО и АРМ со 15 и повеќе години стаж

Министерството за одбрана и репрезентативниот синдикат на одбраната, денеска потпишаа измена на колективниот договор во членот 97, со која се овозможува јубилејна награда предвидена со колективниот договор, да им се исплати на сите вработени во Министерството за одбрана и АРМ кои имаат 15 и повеќе години стаж.

Ова денеска го изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска по средбата со претседателот на Синдикатот на одбраната и безбедноста Ристо Ајтов.

– Колективниот договор, потпишан уште во 2013 година предвидуваше на вработените во МО и АРМ за непрекината работа во траење од 15 години да им се доделува јубилејна награда од висина од една просечна плата. Цели четири години оваа одредба не се спроведувала и ниту една јубилејна награда на ниту еден припадник на АРМ и вработен во МО не го добил ова право, рече Шекеринска.

Според неа, тоа било причина сите овие изминати години 700 вработени што ги исполнуваат условите за добивање јубилејна награда, да го тужат МО. Додаде дека од вкупно 700 тужби, 250 веќе биле завршени и судовите пресудиле во корист на тужителите, и по тие пресуди МО веќе долго време исплаќало не само јубилејни награди, туку и судски трошоци.

– Судските трошоци што како Министерство сме ги исплаќале на оние што не тужеле изнесувале околу 30.000 денари по човек. Само по основ на овие тужби, МО исплатило повеќе од 13 милиони денари, а при тоа повеќе од 7,5 милиони денари се дадени само за судски трошоци, рече Шекеринска.

Посочи дека донеле одлука да ги исполнат сите годинашни обврски за исплаќање на јубилејната награда за сите оние кои имаат непрекинат стаж од 15 години.

– Но, тука се случи вториот проблем, а тоа е дека заради четиригодишното непочитување на колективниот договор, испадна дека јубилејната награда ќе ја добијат оние кои имаат 15 години, но нема да ја добијат оние кои имаа 19 или 20 и кои досега требале да добијат јубилејна награда, рече Шекеринска и додаде дека поради тоа пристапиле кон овие измени на колективниот договор.

Исплатата на овој надомест, секоја година ќе се врши на крајот на годината, ќе постои можност доколку нема пари да се пренесе и следната година, и практично никој да не остане без своето право согласно колективниот договор.

Ајтов истакна дека синдикатот брзо реагирал на овој проблем и во рок од само десетина дена пристапиле кон потпишување на измена на колективниот договор во член 97 за јубилејната награда.

One thought on “Шекеринска: Јубилејна награда за сите припадници на МО и АРМ со 15 и повеќе години стаж

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *