Жбогар: Ако има обединување за реформите, може да има и почеток на преговори

Правниот факултет на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово заедно со Делегацијата на ЕУ и амбасадата на Италија во Македонија денеска во фоајето на Факултетот за бизнис и економија на УЈИЕ ја поставија изложбата „Уште поблиска Унија“.

Настанот се организира по повод 60-годишнината од потпишувањето на Договорите од Рим како основа и предвесник на она што Унијата претставува денеска.

Според амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар 60-годишнината на договорите од Рим има две значења – првото дека е почеток на она што е ЕУ сега и второто како Унијата се развивала низ годините и напредокот и постигнувањата на земјите членки и нивните граѓани во изминатите години.

– ЕУ не е само за економија и економски развој туку таа се залага и за принципите на човековите права, демократијата, еднаквоста и социјалната вклученост на сите граѓани. Овие принципи на ЕУ сите земји аспиранти за членство треба да ги почитуваат и реализираат особено земјите од Западен Балкан. Како што неодамна рече високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини вратите на Унијата се ширум отворени, а 2018 година преставува единствена можност за секоја земја да направи неповратен чекор напред кон евероинтеграциите, рече Жбогар.

Посочи дека ако сите политички партии и етнички групи обединат околу оваа главна цел и кон спроведување на неопходните реформи во судството, јавната администрација, безбедносниот сектор и да се промени на подобро однесувањето на сите, очекува во процесот на присоединување кон ЕУ следната година да се случи очекуваниот почеток на преговорите за членство.

Италијанскиот амбасадор во Македонија Карло Ромео посочи дека Договорот во Рим доаѓа по долг период на меѓусебни недоразбирања на земјите во Европа и додека дел од градовите се уште ги чуствуваат полседиците од Втората светска војна, но оти со него се покажало дека по длабока криза може да се изнајдат заеднички вредности и меѓусебна доверба што овозможува подобра иднина за идните генерации.

Во рамките на денешната посета на УЈИЕ во Тетово Жбогар одржа и дебата „Иднината на Европската унија – 60 години од потпишувањето на договорите од Рим“, со студентите и професорите на УЈИЕ.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *