Вратите на ЕУ останувааат отворени за вас. Вие сте оние кои ги имате клучевите во вашите раце. Немојте да дозволите да ја пропуштите оваа историска можност, порача денеска високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, која попладнево престојува во Скопје.
– Запомнете, на 30 септември кога ќе одите на гласачките места да гласате за референдумот дека Вие сте тие што ги држите клучевите на вашата иднина во вашите раце. Клучевите не се во рацете на никој друг, освен на Вас. Не дозволувајте некој друг да го стори тоа за Вас. Ве молам, не молчете пред вашата иднина, неможете да ја пропуштите оваа можност затоа што Вие сте одговорни за вашата иднина. Ова не се избори, ниту е нешто поврзано со политика. Мора да бидете сигурни и убедени дека кога ќе се разбудите следниот понеделник, односно на 1 октомври, дека сте направиле избор којшто ја засега вашата иднина, иднината на вашата земја и на вашите деца, изјави Могерини, која попладнево ја посети Старата скопска чаршија заедно со премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Таа, од како што рече срцето на главниот град на земјата, уште еднаш ја повтори пораката на ЕУ дека вратите на Унијата остануваат отворени за нас.
– Мора да знаете една работа, а тоа е дека само заедно можеме да постигнеме многу. Тоа е нешто на што ме потсети денес премиерот Заев во Стразбур. Што се однесува до просперитетот, безбедноста и стабилноста на целата ЕУ, вие сте тие кои ги имате клучевите за оваа иднина во вашите раце. Од наша страна сме решителни и мора да направиме се што е во наша моќ оваа посветеност да се реализира, рече Могерини.
Могерини посочи дека земјата има постигнато голем прогрес, огромни резултати, нешто што не било замисливо пред една и пол година и оти на овие резултати ЕУ реагирала веднаш со одлуката на Советот на ЕУ земјата да може веќе следниот јуни да ги отвори преговорите за пристапување. – На овој пат треба сите да одите, порача Могерини додавајќи дека тоа е одговорност на сите, од претседателот на државата, Владата, опозицијата и граѓаните на земјата.
На новинарско прашање што ќе му порача на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Могерини рече дека не сака да се меша во внатрешните работи на државата, но нагласи дека демократското институционално право на глас е бесценета работа и треба да го искористат.
– Не кажувам дали да гласате „за“ или против, но мора да се подвлече дека демократијата е бесценето право. Имате историска можност да ја одредите иднината на вашата земја. Вистинско време е да го искористите тоа право, затоа што подоцна ќе биде многу тешко да се пожалите дека не сте направиле доволно. Оваа земја премногу долго чекаше пред вратите на ЕУ и знам дека собра многу фрустрации, рече Могерини.
За премиерот Заев, перспективата за влез во европското семејство била силна мотивација да се заврши домашната работа и да се затвори спорот со Грција. Денешниот настан и посетата на Могерини, како што рече, е уште еден знак на силна поддршка на ЕУ за нашата држава и нашиот народ.
– Сега ние, граѓаните на РМ, треба да покажеме заедништво и одлучност на претстојниот референдум на 30 септември, да донесеме одлука за Договорот, да донесеме одлука за нашата иднина. За нас перспективата за членство во ЕУ е движечки фактор кој ги обединува сите општествени чинители и сила за успешно спроведување на реформите и справување со предизвиците со кои се соочуваме на тој пат. Разлики постоеле и ќе постојат. Ние ќе ги почитуваме, но нема простор за неодговорност, кога треба сите заедно да одлучиме за иднината на нашата земја и за идните генерации, рече Заев.
Нагласи и дека ние сме успешна приказна и автентичен модел за мултиетничка демократија. – Ние сме сплотени и секојдневно го живееме европското мото „сплотени во различностите“ и затоа оваа средба ја организираме овде во Старата чаршија на Скопје за да ја потврдиме оваа наша европска вредност со која се гордееме, рече Заев.
За време на денешната посета на Македонија, попладнево се очекува Могерини да се сретне и со претседателот на државата Ѓорге Иванов и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
This was a fascinating read. The points made were very compelling. Lets discuss further. Click on my nickname for more engaging content!