Бордот на извршни директори на Светска банка денеска го одобри заемот во износ од 33,4 милиони долари наменет за натамошен развој на системот за социјална заштита и рано детско образование и грижа во Македонија.
Проектот за подобрување на социјалните услуги ќе се фокусира на решавање на предизвиците поврзани со социјалното исклучување на ранливите групи, како и слабиот квалитет и фрагментацијата на социјалните услугите и раното детско образование и грижа.
– Проектот ќе го зголеми социјалното вклучување на најранливите лица во земјата, преку систем на добро таргетирана и проширена испорака на социјални услуги, вели Марко Мантованели, директор на Канцеларијата на Светска банка.
Дополнително, преку инвестирање во раното детско образование и грижа, Македонија инвестира во својата иднина. Проектот ќе ја подобри подготвеноста за училиште, што е клучно за развој на животни вештини и за зајакнување на конуретноста на економијата на долг рок, се посочува во соопштението од Светска банка.
Проектот ќе има сеопфатен пристап, и вклучува проширување на социјалните и услугите за рано детско образование и грижа, подобрување на пристапот до услугите, како и подобрување на квалитетот на испораката на услугите поврзани со социјалната и детска заштита. Исто така, се очекува проектот да ги подобри стандардите за изведба во поглед на квалитет, навременост и квантитет на обезбедените услуги. Овој комбиниран пристап ќе ја подобри интеграцијата и вклученоста на ранливата популација.
– Грантови за инфраструктура ќе бидат достапни преку проектот и предвидено е да биде обезбеден нов предучилишн простор за околу 7.500 деца како во урбаните така и руралните општински среднини, вели Марина Петровиќ, виш специјалист за социјална заштита при Светска банка и лидер на проектот.
Бојана Нацева, виш специјалист за образование при Светска банка и ко-лидер на проектот посочува дека проширувањето на пристапот до услуги ќе значи, исто така, поголемо внимание за квалитетот, па затоа во проектот ќе вклучи зајакнување на компетенциите и капацитетите на наставниците, како и изработка на материјали за работа со децата согласно на возраста на учениците.
Директни корисници на проектот, како што се појаснува, се корисниците на социјална помош (приматели на паричен транфер) и други ранливи групи на возрасни и деца кои имаат право на социјални услуги, како и административниот персонал во владата и општините, и други субјекти вклучени во обезбедувањето на услуги.
Проектот ќе поддржи квалитетно рано образование на деца од предшколска возраст (3-6 годишна возраст) и нивните семејства и ќе помогне во транзицијата кон основното образование, со фокус на децата од ранливите групи и деца со попреченост. Исто така, сите деца на возраст од 0 до 6 години од целата земја се очекува да имаат корист од подобрено родителство и грижа во домот. Училишните наставници и персонал, како и персоналот од институциите за социјални услуги и предучилишните институции ќе имаат корист од поедноставените и поефикасни административни процедури и новите или реновирани работни простори.
Светска банка соопшти дека проектот за подобрување на социјалните услуги ќе биде имплементиран во период од пет години. Главна институција одговорна за имплементација на проектот ќе биде Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Министерството за образование и наука, како предводник на квалитативната димензија на компонентата за рано детско образование и грижа, и секако Министерството за финансии.
Great read! Your perspective on this topic is refreshing. For additional information, I recommend visiting: DISCOVER MORE. What do others think?