Филмската и театарска актерка Милица Стојанова е добитник на наградата „Голема ѕвезда“ на Друштвото на филмските професионалци на Македонија (ДФПМ) и ќе и биде врачена на отворањето на 39. ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола на 22 септември.
Одлуката на ДФПМ беше соопштена денеска на прес-конференција посветена и на соопштување на програмата на претстојниот фестивал.
Во 60-годишната професионална актерска кариера, 86-годишната Стојанова имала стотици театарски улоги, како и значаен број филмски и телевизиски, а најчесто играла лик на мајка, рече режисерот Игор Иванов-Изи, претседател на ДФПМ.
Досега добитници на наградата „Голема ѕвезда“ се македонските автори Кирил Ценески, Милчо Манчевски, Дарко Марковиќ, како и британскиот продуцент Сајмон Пери кој има значаен придонес во македонскиот филм.
– Тоа се звучни имиња кои силно блескаат зад филмското платно. Оваа година се одлучивме за исчекор и да доделиме награда на една легендарна македонска актерка, рече Иванов.
Стојанова се појавува токму во филмовите на претходните лауреати на оваа награда, Ценески и Манчвески, како и во филмовите на Столе Попов, („Исправи се, Делфина“, Среќна Нова ’49“, „Тетовирање“, „Пред дождот“, „Прашина“…), а и покрај нејзината возраст таа се уште работи и беше дел од краткиот филм „Види ја ти неа“ кој неодамна освои награда на фестивалот „Санденс“.
Иванов рече дека тоа што Стојанова немала главни улоги се должи на положбата на жената во целата македонска кинематографија, особено кога била во своите најдобри години.
– За жал, нашите филмови се 90 отсто со историска тематика каде мажите водат некакви војни, а жените, според сценаријата, се приморани да бидат мајки или некакви за жалење теткички. Но Милица Стојанова има остварено многу улоги и сите тие се значајни. Тоа што оваа македонска дива ќе биде со нас во Битола на 86-годишна возраст по 60 години присуство на филмското платно е голема работа, истакна претседателот на ДФПМ.
Откри и малку познат податок дека Стојанова го позајмувала својот глас на речиси сите српски и хрватски актерки што се појавувале во македонските филмови.
Excellent content! The way you explained the topic is impressive. For further details, I recommend this link: EXPLORE FURTHER. What do you all think?