Одбележување јубилеи на МПЦ-ОА во Сиденхам и промоција на книга на архимандрит Гаврил

Со повеќе пригодни настани изминатиот викенд во Сиденхам, Мелбурн, се одбележаа јубилеите 1000 години од постоењето на Охридската архиепископија, 60 години од нејзиното возобновување во лицето на Македонската православна црква (1958 – 2018) и 1155 години од Моравската мисија на рамноапостолните солунски браќа свети Кирил и свети Методиј, сесловенските учители и просветители.

Од Австралиско-сиднејската православна епархија информираа дека по тој повод света божествена литургија се одржа во Соборниот храм на Австралиско-сиднејската православна епархија – „Успение на Пресвета Богородица“ во Сиденхам. По литургијата беше отслужен помен за упокоените архиепископи и за митрополит Американско-канадско-австралиски Кирил, по што се одржа и свечена јубилејна духовна академија.

– Охридската црква низ сиве овие години исполнети со бројни искушенија, остана духовна мајка на македонскиот народ не само во татковината, туку насекаде, а особено овде во македонската дијаспора на Австралискиот континент. Нас единствено како народ нè сочувала Охридската архиепископија, возобновена како Македонска православна црква. До ден денес македонските црковни општини при храмовите се центарот и прибежиштето на Македонците ширум светот, рече отецот Ефтим во обраќањето пред присутните.

На Духовната академија беше промовирана и книгата „Добродетелите во Лествицата на свети Јован Лествичник и Египетскиот отечник“ на архимандритот Гаврил (Галев), игумен на македонскиот православен манастир „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк.

Отец Гаврил посочи дека „во делото накратко се разработени теми од Лествицата и Египетскиот Патерикон“, кои преставуваат неисцрпни и постојано актуелни енциклопедии и кодекси на вистинско христијанско живеење во Светиот Дух.

По свечената академија се одржа и културно-уметничка програма.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *