Прилепските археолози бараат продолжување на истражувањата во Стибера и Трескавец

Оваа година, прилепскиот „Завод и музеј“ работеше на четири археолошки наоѓалишта во Прилепскиот регион, а преку Институтот за старословенска култура, археологот Бранко Ристески ги спроведуваше повеќегодишните археолошки истражувања на комплексот Трескавец. За наредната година двете институции во програмите до Министерството за култура побараа да продолжат истражувањата на античкиот град Стибера и во комплексот Трескавец.

Според археологот Душко Темелкоски од прилепскиот „Завод и музеј“ од четирите истражувања што ги спроведе музејот, три беа самостојни, а едно во соработка со катедрата за археологија при Филозофскиот факултет од Скопје. Темелкоски смета дека на археолошки план, годината беше успешна и донесе нови сознанија.

– Прво се работеше на локалитетот „Мал Сурум“ кај селото Дупјачани, Долненско и се открија делови од неколку градби од античкиот период Во античкиот град Стибера, кај селото Чепигово, најпознатото наоѓалиште во земјава по бројот на мермерните статуи, истражувавме веднаш до храмот посветен на богињата Тихе, заштитничката на градот кој се смета дека имал околу 20.000 жители. Се истражуваше и на локалитетот Старо Бонче каде се уште не знаеме за кој град станува збор, а наша претпоставка е дека таму егзистирал градот Пелагонија. Четвртиот локалитет е „Долиште“ кај селото Прилепец. Лани откривме неколку некрополи, а годинава градба од античкиот период, вели Темелкоски.

За наредната 2018 година, прилепскиот музеј аплицираше до Министерството за култура за работа на археолошкиот локалитет Стибера, кој е и туристички атрактивен.

– Стибера е од особено значење за Прилепскиот регион и тенденцијата на Министерството за култура е да се истражуваат локалитети кои може да понудат туристичка презентација. За Стибера навистина да биде туристички атрактивен, треба еднаш да се заврши со експропријацијата на земјоделските парцели на кои се наоѓа локалитетот, односно да се направи замена на парцелите од жителите и потоа може да се урбанизира, да се огради, да се стават информативно табли со пристапни патеки, објаснува Темелкоски.

До Министерството за култура за наредната година се аплицирало и за продолжување на систематските археолошки истражувања на комплексот Трескавец.

Археологот Бранко Ристески од Институтот за старословенска култура од Прилеп вели дека на Трескавец се истражува од 2008 година и досегашните сознанија за античката населба Колобаиса, веднаш до манастирскиот комплекс, за средновековните ѕидини, како и истражувањата на трпезаријата, магерницата и внатрешноста на манастирскиот комплекс, само ја отвораат вратата на културното богатство кое комплексот го поврзува како целина со Марковите кули и со локалитетот Баба.

– Со истражувањата се планира да се заокружат сознанијата за источниот сегмент на античката населба Колобаиса, но и да се дефинира источната зона на манастирскиот комплекс со црквата „Успение на пресвета Богородица“. Трескавец, од поширок аспект, е сместен во големиот комплекс „Маркови Кули“. Сознанијата би биле основа за заштита и конзервација на целиот простор. Имаме уникатни примери на раноримска населба со нагласено сакрален карактер, можеби единствена на Централно-балканскиот простор, и второ, за прв пат, интегрално се проучува манастирскиот комплекс. Ако кон тоа се додадат и природните уникатни форми, спојот со културното богатство е непроценлив, вели Ристески.

Според археологот Бранко Ристески не треба посебно да се нагласува дека туристичката атрактивност на комплексот Трескавец е непроценлива. Особено што Манастирот одамна е на речиси сите светски мапи и е веќе познат културен споменик и ќе бидат импулс за збогатена туристичка понуда на прилепскиот регион.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *