Почнуваат 8. Струшки книжевни средби

Поети од Македонија, Србија, Хрватска, Албанија, Русија, Германија и Словенија ќе учествуваат на 8. „Струшки книжевни средби“ што од денеска до 7 јули ќе се одржуваат во Струга, Охрид, Вевчани и Дебрца во организација на културниот центар „Бран“ и ревијата „Бранувања“.

Тридневната манифестација, како што информира претседателот на културниот центар „Бран“ Петко Шипинкаровски, содржи бројни случувања, меѓу кои, поетски читања, ликовна изложба, мала ликовна колонија, промоции на книги… На манифестацијата ќе бидат врачени и традиционалните награди „Струшко слово“, „Крсте Чачански“, „Јован Котески“, „Книжевна далга“ и „ Книжевни бранови“ за 2018 година.

Во улога на автор, доаѓа членот на Светската Академија за поезија при УНЕСКО од Верона, Мајо Даниловиќ, кој, истовремено, е и претседател на Одделот за Балканот и словенскиот свет.

Во рамките на манифестацијата, ќе биде промовирана двојазичната книга „Соѕвездие“ на македонски и српски писатели.

Според програмата, предвидено е разгледување на Ликовната галерија во село Белчишта, природниот резерват „Сини Вирој”, посета на родната куќа и „Спомен собата“ на родоначалник на македонската литература за деца Ванчо Николески, во село Црвена Вода.

Предвидено е учесниците да бидат примени и од градоначалниците на Струга, Вевчани и Дебрца, Рамиз Мерко, Сашо Јанкоски и Зоран Ногачески.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *