Соопштение за јавност за гестот на Претседателот на Албанија Илир Мета

Почитувани,

Земајќи предвид дека Претседател на Република Албанија, Илир Мета, го искористи правото да не го потпише Законот за заштита на малцинствата, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, го соопштува следното:

Без разлика што Претседателот на Република Албанија, Илир Мета, со тоа што не го потпиша Законот за заштита на малцинствата не го спречи и неговото стапување на сила, сепак ние го поздравуваме овој гест кон нашите браќа и сестри Македонци кои живеат таму. Движењето за Социјалистичка интеграција на Илир Мета беше против кога во Албанскиот Парламент првичната верзија на Законот за заштита на малцинствата кој признаваше постоење на осум малцинства меѓу кои и Македонското беше променета под притисок на Бугарија, каде владејачкото мнозинство на актуелниот Премиер Еди Рама попушти и интервенираше во текстот на законот лажно признавајќи дека на територијата на Албанија постои и Бугарско малцинство. За време на предизборната кампања за парламентарните избори во Албанија, кога присуствуваше на собир во Пустец, Илир Мета ја потврди поддршката на  Македонската заедница, јавно уважувајќи реалноста и значењето на повеќето од 120 илјади Македонци кои живеат и работат на целата територија на Албанија.  Претседателот на Албанија, Илир Мета, уште еднаш покажа дека ја уважува волјата на Македонците, кога пред еден месец при посетата на Скопје изрази грижа за сериозно нарушената здравствена состојба на својот коалиционен партнер, Претседателот на Македонска Алијанса за Европска иднина и актуелен Градоначалник на Пустец, Едмонд Темелко и побара негово ослободување од притвор. Ние таа политика на континуитет ја поздравуваме.

Жалиме што денес актуелното политичко раководство во Татковината не ја искористи можноста да ја праша Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, што мислеше кога пред еден месец го посети Македонското село Шиштевец во Општина Кукс во северо-источна Албанија и со сериозно проблематизирање на Македонскиот идентитет вети отворање на училишта за изучување на Бугарски јазик. Актуелните Бугарски политички функционери може колку сакаат да ја промовираат својата националистичка и негаторска политика, но мора да знаат дека тврдењето дека во Албанија има Бугарско малцинство е еднакво на веројатноста на планетата Марс да се најде Бугарска колонија!

Македонската Алијанса го поздравува заедничката седница на двете Влади на Албанија и Македонија која ќе се одржи во Поградец. Еве одлична можност да се повика Премиерот Еди Рама да ја признае Македонија под Уставното име. Министрите на ДУИ во Владата ќе имаат прилика на дело да покажат колку ја сакаат Република Македонија. Истовремено, Премиерот Зоран Заев, заради нашите браќа и сестри Македонци е должен да го отвори прашањето на ревизија на територијалната организација на Општините во Албанија од 2015, заради која Пустец остана единствената Македонска Општина во Албанија.

 

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Претседател,

Ѓорѓија Џорџ Атанасоски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *