Ветеринарната комора на Република Македонија денеска и официјално реагираше во врска со немилиот настан во Скопје, кога ротвајлер нападна и искаса повеќе луѓе, меѓу кои и деца.
Комората смета дека извор на проблемот е неодговорното сопствеништво и најостро го осудува расфрлувањето отрови за труење кучиња низ градот. Бара систематско решение и поголема вклученост на медиумите, не само откако нешто ќе се случи, туку известување во континуитет, за сите мерки и активности што ги презема струката.
– Сочувствуваме со повредените и нивните семејства и ја разбираме вознемиреноста на граѓаните, но најостро ги осудуваме постапките на расфрлање отрови и труење животни. Ваквото неодговорно и нехумано однесување не само што воопшто нема да го реши проблемот, туку претставува и потенцијална опасност да настрадаат покрај животните и луѓето, пред се децата, наведува Комората.
Воедно апелира до сопствениците на домашни миленици, како клучни актери и за продуцирање и за решавање на проблемите, дека одговорното сопствеништво на домашен миленик не е прашање на личен избор, туку јасно регулирана обврска.
Немилите настани кои длабоко ја сензибилизираа јавноста треба да бидат момент на почнување систематско и сеопфатно решавање на прашањето со бездомните животни (кучиња и мачки) на ниво на цела држава, нешто на кое Ветеринарната комора, како што потсетува, инсистира со години.
– Уште еднаш, како струка која има примарна мисија преку заштита на здравјето на животните да го штити човековото здравје, потенцираме дека е крајно време со систематичен и сеопфатен општествен пристап, на институциите и на граѓанскиот сектор, да почнеме со суштинско решавање на проблемите, да ги оставиме во минатото ужасните сцени на повредени луѓе и отруени животни и да се придружиме на друштвото на цивилизирани народи, каде безбедноста на граѓаните и правата на животните не се контрадикторни, туку одат рамо до рамо, стои во реакцијата од Ветеринарната комора.
Комората предлага конкретни чекори за делување: сеопфатна обврзна индентификација и регистрација на сите домашни миленици (чипирање на кучињата и мачките) и создавање опсежна база на податоци во електронскиот систем на АХВ на ниво на цела држава, стриктна примена на прописите со кои се регулираат третманот и постапките со бездомните животни од страна на општините и изнаоѓање одржливи модели со кои трајно се решава проблемот со бездомните кучиња, како и воведување соодветна законска регулатива за контрола на популацијата на миленици преку која би се спречило создавање нова популација – на бездомни кучиња.
– Проблемот со бездомните кучиња и мачки, кој не е само комунален, туку има и јавно здравствени импликации, како и воопшто третманот на домашните миленици од аспект на одговорно сопствеништво Ветеринарната комора постојано го ставала на ниво на приоритетно прашање кое треба да допре до секој граѓанин. Честопати, за жал, во тие настојувања не била соодветно поддржана од медиумите, се наведува во реакцијата.