Заменик-министерот за надворешни работи Точи на состанок на земјите-учеснички во ОБСЕ

Заменик-министерот за надворешни работи Арта Точи денеска во Маербах, Австрија, учествуваше на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите учеснички во ОБСЕ.

МНР соопшти дека на состанокот кој се одржал во рамки на активностите на австриското претседавање, учествувале 29 министри и други високи претставници на 57 држави учеснички во Организацијата.

Точи во обраќањето се осврнала на негативните последици од насилниот екстремизам и радикализација кои водат до тероризам и потребата од зајакнување на заедничките напори во борбата против овие појави.

Насилниот екстремизам не може да се поврзе со било која религија или група. Младите се особено ранлива категорија во процесот на радикализација и регрутирање. Покрај мерките кои ги преземаат државите, постоењето на силно граѓанско општество и активен ангажман на младите, се важни фактори во борбата против екстремизмот и радикализацијата, посочила Точи.

Таа информирала и за активностите на Република Македонија на ова поле, при што меѓу другото, истакнала дека Владата неодамна донесе одлука за изработка на Национална стратегија и Акциски план за превенција на насилниот екстремизам и радикализација.

На маргините на состанокот, Точи имала повеќе средби на кои ги потенцирала заложбите на новата реформска Влада на патот кон силно демократско општество во кое владее правото и чии главни приоритети се членство во ЕУ и НАТО.