Заев – Лисјен: Кина гледа партнер во новата Влада и шанси за економска соработка

Премиерот Зоран Заев денеска оствари средба со кинеската амбасадорка Лин Лисјен на која е договорено унапредување на соработката меѓу двете држави во сите сфери од интерес за граѓаните.

Кинеската амбасадорка, како што соопшти владината прес-служба, на премиерот Заев му врачи писмо од премиерот на НР Кина, Ли Кечијанг, а Кина во новата македонска Влада гледа добар партнер и голем потенцијал за продлабочување на соработката меѓу двете држави.

Кинеската амбасадорка Лисјен истакна дека реформите што ги презема македонската Влада се во насока на политичка и економска стабилизација на државата, поради што кинеската Амбасада ќе ги охрабри кинеските компании да влезат на економскиот пазар во Македонија.

– Владата е отворена за соработка со кинески компании што сакаат да инвестираат во Македонија и подготвени сме да ги обезбедиме сите потребни услови за тоа. Целта на Владата е да обезбеди нови работни места за граѓаните, повисоки плати, достоинствен животен стандард, а тоа може да се постигне само преку посветена работа на развој на економијата, рече премиерот Заев.

На средбата е договорено да се интензивира економската соработка меѓу двете држави, преку нови проекти во рамки на Програмата на Кина, 16 плус 1 за земјите од Централна и Источна Европа, веднаш по решавањето на проблемите со изградбата на двата автопата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.

Премиерот Заев, како што соопшти владината прес-служба, посочи дека ги има првичните информации за повеќемесечниот застој во изградбата на автопатите, којшто е предизвикан од грешки во проектирањето, поради ненавремено решавање на имотно-правните односи на првиот автопат и изместување на трасата на вториот. За таа цел, најави во најскоро време средба со кинескиот изведувач и со другите вклучени страни во проектите со цел изнаоѓање брзо решение.

Претседателот на Владата најави и конкретни иницијативи од страна на Владата за проширување на економската соработка со Кина. Тој информира дека веќе се остварени контакти со кинески компании за соработка во областа на енергетиката и градежништвото, а најави и проширување на соработката во земјоделството.

На средбата од страна на кинеската амбасадорка е истакнато дека  НР Кина ја поддржува Македонија на патот кон евроинтегративните процеси.