Водата во Прилеп исправна

Водоснабдувањето во Прилеп е релативно стабилно, а граѓаните пијат хемиски и бактериолошки исправна вода, соопшти прилепското јавно претпријатие „Водовод и Канализација“ по реакциите на граѓани дека добиваат заматена  и сомнителна вода.
Според директорот на „Водовод и канализација“ Сашо Николоски, заматувањето на водата е од бунарите, но не станува збор за никаква опасност за здравјето.
– Со целосна одговорност тврдам дека водата е бактериолошки исправна. Сомнежот кај граѓаните доаѓа зашто во системот се вклучени и бунарите од кои водата е заматена. Доаѓа до различен притисок на водата и режимот на нејзиното движење што доведува до заматување. Во таква ситуација граѓаните да се јават во претпријатието. Нашите екипи постојано се на терен и правиме „миење на линиите“. Тоа не е нова работа, ниту е опасно, но граѓаните слободно да реагираат кај нас, изјави Николоски.
Од регионалниот водовод „Студенчица“, рече, доаѓаат од 120 до 180 литри вода во секунда и со вклучените бунари, градот добива дополнителни 100 литри вода во секунда.
– Стуацијата е стабилна, но не е едноставна. Со дотокот на количеаствата од „Студенчица“ одредени проблеми има во попладневните часови кога попатно, во општина Долнени, се вклучуваат или се користат поголеми количества вода, па во Прилеп, како краен корисник се намалуваат количествата. Разговаравме со ЈП „Студенчица“ во ударните часови да се обезбедат поголеми количества вода и за тоа добивме ветување. Во овој момент ситуацијата не е најдобра, но не планираме рестрикции. Одредени прекини настануваат од еден до пет часот по полноќ за да се акумулираат количества вода за во текот на денот, нагласи Николоски.
Од Центарот за јавно здравје во Прилеп велат дека водата е исправна за пиење, но сепак добро е да се преврива. – Водата од градскиот водовод е хлорирана и бактериолошки исправна. Но, сепак во населбата „Точила“ и оние делови од градот каде што ќе се забалежи заматување, превентивно,  водатаа треба да се преврира. Апелираме до граѓаните да се јават до Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ доколку евидентираат дефекти. Квалитетот на водата за пиење се контролира на 4 до 5 мерни места и нема простор за паника, истакна примариус д-р Петар Оханесијан од прилепскиот Центар за јавно здравје.