Во врска со контроверзната содржина на договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија Претседателот на Македонската Алијанса, г-динот Ѓорѓија Џорџ Атанасоски го соопштува следниот став:

Почитувани,

Македонската Алијанса изразува загриженост заради контроверзната содржина на договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и сметаме дека потпишувањето, како и евентуалната ратификација со моменталната содржина негативно би се одразило врз Македонските национални интереси, но и на унапредување на долгорочните односи помеѓу Македонија и Бугарија.

Македонската Алијанса ги подржува сите иницијативи за унапредување и градење на добрососедски односи, но тоа мора да биде на принципиелна основа. Бугарија е наш важен сосед кој прв ја призна Македонија под Уставното име, ја подржува унитарноста на земјата и дава поддршка на нашите Евроатлански интеграции, но сепак имаме отворени прашања кои ги оптоваруваат нашите билатерални односи со децении.

Македонската Алијанса уште еднаш предупредува дека секоја евентуална согласност за некои спорни одредби од таканаречениот Договор за добрососедски односи со Бугарија, со кои ќе се оспорува посебноста на нашата Македонска култура, јазик и идентитет, ќе значи дека самите се откажуваме од нашиот национален идентитет.

Ниту еден политичар или партија не може да прифаќа и да ветува остварување на нешто што не е, и не може да биде прифатливо за Македонскиот народ. Секој кој ќе тргне контра на ова основно демократско начело, се обиде да стори велепредавство, ќе мора да сноси одговорност за своите неразумни постапки.

Членот 11 од договорот е спротивен на Членот 49 од Уставот на Република Македонија со што се отвора можност овој договор подоцна да биде изваден пред Уставниот суд и поништен по потпишувањето, создавајќи меѓународен скандал. Во овој член нашата Татковина е условена да не се меша во внатрешните работи на Бугарија, но истиот услов не е поставен и за Бугарија. Во овој случај, Македонија отстапува од борбата за културните и човековите права на Македонското малцинство во Бугарија, што е крајно неприфатливо.

Договорот мора да предвидува обврска за Бугарските власти да ги испочитуваат меѓународните норми, особено пресудите на Европскиот суд за човекови права кои ги третираат Македонците кои живеат таму. Ние не можеме да бараме од нашите меѓународни сојузници да ја спроведат пресудата на Меѓународниот Суд во Хаг за противправното Грчко вето во Букурешт, ако самите, во други случаи се откажуваме од меѓународната правда за фундаменталните демократски права на Македонскиот народ.

Во Договорот, Македонија не може да превземе обврска за менување на историските факти. Македонија и Македонскиот народ за време на Втората светска војна беа на вистинската страна, на фронтот за слобода и правда, се бореа против фашизмот, и заради тоа беа жртва на Бугарската окупаторска војска. Тоа е еден од најпрецизните историски факти дека Македонците и Бугарите не се и никогаш не биле ист народ.

Уште по поразително е тоа што во времето на премиерот Ѓорѓи Димитров уште во далечната 1948 година се признаваше Македонскиот народ а сега истиот е вешто изоставен од договорот. Како е тоа можно? Зарем Македонскиот народ во Бугарија исчезна? Дополнително друго прашање е третирањето од страна на Република Бугарија на зборот Македонец како географски а не како национален поим.

Македонската Алијанса уште еднаш предупредува дека секоја евентуална согласност за некои спорни одредби од таканаречениот Договор за добрососедски односи со Бугарија, со кои ќе се оспорува посебноста на нашата Македонска култура, јазик и идентитет, ќе значи дека самите се откажуваме од нашиот национален идентитет, што ќе ја отвори можноста за официјална Атина да ни го зададе последниот удар.

Македонскиот народ нема да дозволи велепредавство, без разлика дали ќе се направи со сторување или лажно противење. Доста е од политички игри и манипуации!

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА
Претседател,
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски