Во Велешко вакцинирани 7.000 говеда против болеста „јазлеста кожа“

Во поширокиот велешки регион во кој се вклучени и општините Градско и Чашка привршува вакцинацијата на говедата против болеста „јазлеста кожа“, информираат од Ветеринарната станица во Велес.

Како што нагласи д-р Димче Димитриевски, директор на Ветеринарната станица, со вакцинацијата беа опфатени 7.000 грла на говеда во Велешко.

– Акцијата е превентивна со цел да ја заштитиме стоката од оваа тешка болест, која годинава е влезена и во годишната програма за задолжителна вакцинација. Вакцинацијата ја спроведуваме согласно наредбата на Агенцијата за храна и ветеринарство, изјави д-р Димитриевски.

Болеста „јазлеста кожа“ првпат беше откриена на 18 април и беше потврдена на 21 април минатата година во селото Чифлик во Демир Капија, а потоа беше регистрирана во вкупно осум општини во земјава.

– Лекувањето на говедата кои ќе заболат од оваа болест не е исплатливо и поради тоа стоката мора да се уништи. Затоа оваа превентивна вакцинација е многу важна за заштита на сточниот фонд во земјава, потенцира д-р Димитриевски.