Во Торонто промовирана монографијата „Атанас Близнаков“ од Славе Катин

По повод 40. годишнината од формирањето на фондацијата „Атанас Близнаков“ во Торонто се одржа донаторска промоција на јубилејното издание на монографијата за македонскиот национален деец, иселеник и повратник од САД Атанас Близнаков од Славе Катин.

Делото е на македонски и англиски јазик, издание на Ректоратот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје. Монографијата беше претставена пред голем број македонски иселеници од сите делови на Македонија, а во рамки на активностите на катедралната Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ и Клубот на пензионерите „Гоце Делчев“ од Торонто, Канада.

За монографијата зборуваше ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје проф. д-р Никола Јанкуловски, а присутните ги поздравија проректорот на УКИМ д-р Билјана Ангелова, генералниот конзул на Република Македонија во Торонто д-р Јовица Палашовски, свештеникот Благе Димитриевски и авторот на монографијата Славе Катин.

Ова е трето претставување на монографијата „Атанас Близнаков“ на северноамериканскиот континент, која е посветена на најголемиот македонски донатор во иселеништвото – Атанас Близнаков (15.12.1901 – 10.07.1998).

Според авторот, Близнаков не бил обичен печалбар, туку како личност настојувал да навлезе во суштината на македонската судбина, слобода и правдољубива идеја, гледајќи ги работите со многу сериозен пристап, со што, како што се наведува, се издигна над времето во кое живееше.

– Со формирањето на фондацијата „Атанас Близнаков“ тој даде драгоцен придонес за Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ за македонскиот народ и за Македонија, а во исто време таа претставува поттик и инспирација за Македонците во дијаспората, смета авторот Катин.