Во Гази Баба ќе се гради комерцијално-деловен комплекс, нови 800 до 1000 вработувања

Во општина Гази Баба е поставен камен темелник за изградба на комерцијално-деловен комплекс што го гради Мак АутоСтар.

Комплексот ќе се протега на површина од 12 илјади метри квадратни и се очекува со оваа нова инвестиција да бидат отворени од 800 до 1.000 нови работни места.

Камен-темелникот беше поставен денеска, а на свеченоста присуствуваа градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски, генералниот директор на Мак АутоСтар, Зоран Марковски и заменик амбасадорот на Германија Марко Акватичи.

Соговорниците разговараа за идните планови и развој на оваа компанија, како и за можноста за поврзување и соработка на бизнис клубот на општина Гази Баба со Македонско-германската комора.