Во Битола почнува ликовниот фестивал „Мал Битолски Монмартр“

 Со традиционалната светска ликовна изложба и доделување на наградата „Гран при“ која и годинава им припадна на учениците од основното уметничко училиште „Спишка Бела“ од Словачка, вечер во Битола свечено ќе биде отворено 36. издание на меѓународната ликовна манифестација „Мал Битолски Монмартр“.

На светската ликовна изложба, во Националната галерија на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ што се наоѓа во старата Битолска чаршија ќе бидат презентирани 899 детски творби избрани од 9.259 цртежи колку што пристигнаа во студиото, посочи раководителот Коста Хаџи Антоновски во пресрет на вечерашниот настан.

– Годинава на ликовниот фестивал учествуваат ликовни таленти, надарени деца од Словачка, Кина, Русија, Турција, Израел, Србија, Полска, Малезија, Романија, Бугарија и од Македонија. Овој настан, фестивал на бои, уметнички палети и четки освен во Битола за прв пат ќе се одржи во познатото Вевчани и во Охрид, каде учесниците ќе цртаат мотиви од старата македонска архитектура, најави Хаџи Антоновски.

Според статистичките податоци на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ во изминатите 35 години во Битола пристигнале над 500.000 детски цртежи, градот бил домаќин на повеќе од 850 тимови со 4.000 учесници ученици, ликовни педагози и други гости.