Според информациите на антивирусната компанија „Trend Micro“, над 800 апликации во Google Play Store се заразени со малициозниот софтвер „Xavier“ кој бил откриен уште пред две години, но оттогаш продолжил да еволуира.

Тој бил откриен во многу типови бесплатни апликации како едитори на слики, софтвер за позадински слики (позадини) и алатки за промена на мелодијата на ѕвонење, кои имаат милиони преземања. Тоа значи дека има голема веројатност да се заразени огромен број на уреди без корисниците да се свесни за тоа, бидејќи кодот, кој еволуирал, може да остане незабележан дури од антивирусни апликации.

Новата верзија може да се поврзе со оддалечен сервер и да презема дополнителни компоненти, кои се инсталираат во заразениот уред, а во прилог може да презема и друг малициозен код, што го прави софтверот уште поопасен. Освен тоа,  „Xavier“ може да украде и испрати секаква корисничка информација од уредот.

Изгледа најзасегнати се корисниците во Југоисточна Азија и поконкретно Виетнам со 23,27% од заразените уреди, Филипини (19,14%) и Индонезија (8,23%). Пресретнати се сепак инфицирани уреди и во САД и Европа.