ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека претседателот на СДСМ Зоран Заев не може и не смее да тргува со највисоките национални и државни интереси само, како што соопштуваат, да не одговара за криминалите што ги сторил.

Според ВМРО-ДПМНЕ, стотици илјади граѓани на Заев секојдневно му порачуваат дека нема да му ја прифатат тиранската платформа и тиранската Влада што има намера да ја формира и со која ќе ја довел во прашање иднината на Македонија.

Народот, наведува ВМРО-ДПМНЕ, го порази Заев на изборите. Неговата програма доби само 430.000 гласови. Се останато се лаги и манипулации и признание на отстапките кои ги прави и неговата согласност да ја редефинира државата.

– Ако Заев е убеден дека платформата му носи поени нека распише избори и ВМРО-ДПМНЕ ќе ги признае резултатите. Ако мисли дека нема ништо да се смени доколку ВМРО-ДПМНЕ има 62 дебело се лаже. ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли уцените и ја отфрли тиранската платформа. ВМРО и јавно соопшти дека нема намера да формира влада по секоја цена. Заев е исплашен и нема храброст да го стори тоа. Затоа СДСМ тоне, а граѓаните бараат одговорност, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Додаваат дека граѓаните не дозволуваат, како што стои во соопштението, Заев да си договара двојазичност, менување на банкноти, униформи, да си отвара дебати за химната, грбот и знамето и да го стартува процесот на кантонизација и федерализација.