ВМРО-ДПМНЕ:СДСМ да почне конечно да работи на решавање на проблемите на граѓаните

ВМРО-ДПМНЕ во реакција попладнево наведува дека марионетската влада на чело со Зоран Заев наместо да дефокусира од своите ветувања со одговарање на нарачани прашања треба да започне конечно да работи и на граѓаните да им ги даде ветените 500 евра плата, 100.000 денари плата за лекарите и 16.000 денари минимална плата.

– Наместо да прави партиски чистки, да „јаде живи луѓе“ за да вработиува „од чистачка до директор“ војници и послушници со втора лична карта – членска на СДС, треба да се зафати со решавање на проблемите на граѓаните и да ги угаси пожарите во Струга и Требовље, стои во реакцијата.

Што се однесува до членот на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Богдан Илиевски, се додава во реакцијата на изјавата на премиерот Зоран Заев, тој ниту ги повика граѓаните да влезат во Собранието на 27-ми април, ниту е извршител на било какво физичко насилство, ниту ги попречувал одговорните служби во извршувањето на своите задачи и тоа им е јасно како ден на сите и директни и индиректни учесници и органи на државата.

– Токму спротивното, тој е еден од оние граѓани кои 60 дена пред 27-ми април предупредуваа на сценариото на СДС и повикуваа на мирни протести согласно уставните права на граѓаните на Република Македонија, посочуваат во реакцијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ посоуваат дека ваквите нарачани новинарски прашања нема ниту да го оттргнат срамот од сценариото кое СДС го реализираше на тој ден, ниту од одговорноста на СДС и мнозинството за кршењето на Уставот и намерната провокација на граѓаните кои 60 дена претходно мирно и достоинствено протестираа на улиците во целата држава бранејќи ги своите граѓански права.