“ВИЗАТА” ЗА ХРВАТСКА СЕ “ВАДИ” ВО СКОПЈЕ

Македонската ракометна репрезентација не успеа на гостувањето во Украина да ја совлада соодветната селекција на оваа земја и со тоа да обезбеди пласман на ЕП во Хрватска. Вака избраниците на селекторот Раул Гонзалес, ќе мораат “визата” за Хрватска да ја заверат на свој терен во последниот натпревар од групата против селекцијата на Чешка.

Натпреварот со Украинците заврши без победник 27-27, иако имавме меч топка преку Дејан Манасков, кој во последните секунди од натпреварот не успеа да погоди од т.н “зицер” -позиција. Неговиот удар голманот на Украина, Чуприна успеа да го одбрани и на тој начин да обезбеди бод за својата селекција.

Овој бод не и обезбедува пласман на Македонија на ЕП во ракомет кое следната година ќе се одржи во Хрватска, па затоа ќе мора да се победи Чешка в недела во Скопје.

Најефикасни во нашата селекција беа Кире Лазаров со 8 и Филип Талески кој постигна 5 гола. Најдобар поединец во украинската селекција беше голманот Чуприна кој забележа 12 одбрани.

Последниот, решавачки натпревар Македонската селекција ќе го игра в недела во салата на СРЦ “Борис Трајковски” со почеток во 20:45 ч. Победата над Чешка ќе значи и дефинитивен пласман на ЕП.