Велешкиот театар со две претстави на Македонското културно лето во Мала Преспа

Tеатaрскиот ансамбл на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес на 28 и 29 јули ќе ги изведе претставите „Тетар љубов моја“ и „Синиот портокал“ на 10-тото издание на Македонското културно лето во Мала Преспа, Албанија, во организација на Здружението на Македонците по потекло од Албанија „Сонце“.

Како што појаснија од Велешкиот театар, „Театар, љубов моја“ од бугарскиот автор Валери Петров, во режија на Деан Дамјановски е претстава за четири актерки од четири различни генерации. Драматург на претставата е Сашо Димоски, сценографијата е на Филип Коруновски, костимографијата на Раде Василев, а автор на музиката е Сашко Костов. Во претставата настапуваат актерките Зорица Панчиќ, Кица Ивковска, Кети Борисовска и Талија Настова.

„Синиот портокал“ од британскиот автор Џо Пенхол, во режија на Александар Ивановски е претстава за современата психијатрија, со застарени методи на лекување и беспомошноста на докторите да ги лекуваат своите пациенти без седативи. Драматург на претставата е Катерина Момева, сценографијата е на Филип Коруновски, а автор на музиката е Сашко Костов. Во претставата настапуваат актерите Фаик Мефаилоски, Самоил Стојановски и Жарко Спасовски.