Во „Матица ексклузив“ вечерва со почеток во 19 часот ќе биде промовиран романот „Превртена љубов“ од Дора Попова. Ова е прв роман на Дора Попова, психолог, социотерапевт и основач на Центарот за применета психологија “Дора“.
-Во среда, на 17-ти мај дојдете на отворена трибина, во една магична атмосфера, да си поразговараме за она скриеното во секој од нас, за она од каде што извираат сите наши желби и соништа, за она што лесно се ранува, како и за она што не ни дозволува да ѝ се покориме на љубовта до крај. Ќе разговараме на еден неконвенционален начин, исполнет со метафори и надвор од границите на класичната психологија. Исто така ќе одбележиме почеток на една нова возбудлива авантура која ќе не води директно во длабочините на човековата душа, велат организаторите.
Промотор е Вера Калин, а водител на трибината: Бојана Стојменовиќ.

-Како ќе се чувствувате ако еден ден конечно соберете храброст и со само мал куфер заминете некаде далеку за да побегнете од темнината што ве завива насекаде околу вас? И што ако наскоро сфатите дека всушност темнината е во вас и дека ја носите со самите себе, каде и да сте? Онаа темнина на човечкото несвесно која живее во секој од нас и на која малкумина ѝ погледнале в очи. Онаа темнина која по навика го тера човека да ја повторува својата судбина, а со која тој упорно јалово се бори. Онаа темнина која штом човекот еднаш ја претвори во светлина, станува божествено битие. Би се вратиле ли тогаш назад? Би се вратиле ли назад, знаејќи дека само враќањето кон она од коешто сте побегнале е единствениот пат до љубовта?
Романот Превртена љубов е приказна за лажните соништа на човековото его кое, мечтаејќи за освојување на недостижното,остава длабоки лузни и празнина во човековата душа. Приказна за силата на гневот, за неверството и интригите на една млада жена во чијашто заднина се наоѓа нејзиниот копнеж за љубов. И токму кога излезот од темнината не се гледа никаде, при неочекуваната средба со смртта, се наѕира првиот зрак светлина…, пишува Дора Попова.