ВАРДАР НЕ СЕ ДЕЛИ ОД СКАНДИНАВИЈА

По одличната игра и уште подобриот резултат на гостувањето во Малме против истоимениот тим (1-1) фудбалерите на Вардар го дознаа противникот за следното коло доколку се разбира и во реваншот бидат успешни. “Црвено-црните” не се делат од Скандинавија. Напротив, по Шведска, тие би минале само преку мостот кој ги спојува Шведска и Данска, бидејќи следен противник би им бил шампионот на Данска, Копенхаген.

Копенхаген е доминантен во првенството на Данска, се работи за силен противник, но и за противник со кој нашиот шампион би можел да се носи и според квалитетот и според играта. Данците имаат одлична предност од првата средба со Жилина, која во Словачка ја совладаа со 3-1, па би било право чудо доколку не успеат да ја елиминираат на свој терен.

Вардар доколку се пласира во третото коло, го избегна најзвучното име, Селтик, но исто така и Бате Борисов и Марибор кој се мошне силни и незгодни, што значи ждрепката му беше релативно наклонета. Сега се зависи од нашиот шампион.

Во првиот дуел, на 25/26 јули Вардар би гостувал, а реваншот би се играл на 1/2 август во Струмица.