ТРИЧКОВСКИ ХЕРОЈ НА МОСКОВЈАНИ

Македонскиот репрезентативец, Иван Тричковски, кој настапува за АЕК од Ларнака (Кипар) и кој во моментов чека да му истече казната од пет натпревари, сосема случајно се најде во центарот на вниманието во Москва.

Имено, фановите на Спартак од Москва, кој на четири кола пред крајот на Руското првенство има 8 бода предност пред Зенит и е пред промоција на нов шампион на Русија, го прогласија Тричковски за најзаслужен за освојување на титулата.

Имено, во третото коло од Лигата на Европа, токму со голот на Македонецот, АЕК го елиминираше Спартак од понатамошните натпревари во Европа. По таа елиминација, Спартак му даде отказ на тренерот Дмитриј Алејничев и на негово место го постави Италијанецот Масимо Карера.

– Ако не беше Тричковски, Алејничев ќе останеше тренер на Спартак и сигурно немаше да се најдеме пред освојување на титулата – велат фановите на Спартак на социјалните мрежи и уште додаваат дека Тричковски треба да биде повикан како специјален гостин на Спартак на прославата на титулата.

Чудни се патиштата до славата….