Трет Фестивал на европската литература „Букстар“

Издавачката куќа „Антолог“ од 25 октомври до 3 ноември ќе го организира третиот Фестивал на европската литература „Букстар“ (BookStar / Книжевни ѕвезди), под слоганот „Читај бе, братучед, читај!“.

– Пред домашната публика ќе бидат претставени четворица писатели од самиот книжевен врв на Европа, двајца докажани македонски писатели од помладата генерација, антологија на бунтовната поезија од европски автори, книжевна трибина, саем на европски книги и филмски проекции. И оваа година организаторите на фестивалот ќе се обидат да ги продлабочат соработката и двонасочната културна размена меѓу Македонија и Европа на најубавиот начин – преку уметноста на зборот, соопшти „Антолог“.

Специјално за македонските читатели, наведува „Антолог“, ќе бидат претставени: генијот на стилот Илја Леонард Фајфер, саркастичната писателка Јела Кречич Жижек, двајцата скандинавски мајстори на трилерите Хокан Несер и Јуси Адлер-Олсен, како и македонските автори Снежана Стојчевска и Игор Станојоски.

Фестивалскиот слоган е инспириран од „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, чии филмови ќе бидат прикажани во рамки на програмата на фестивалот.

– Идејата на фестивалот „BookStar 2017“ е да ја вметне книжевноста во културниот џагор во нашата земја и да ја оттргне од уметничките маргини во кои таа се наоѓа… Оваа година ударни книжевни жанрови одлучивме да бидат постмодерната фикција и трилерот бидејќи за разигрување на нашето мрачно секојдневје е потребна мала, но прецизно избрана доза возбуда и поинаква реалност. „Пукај бе, братучед, пукај!“ е реченица што стана дел од јавниот дискурс, па поради тоа со оваа адаптација сметаме дека нашата порака ќе допре до народот,  велат организаторите.

„BookStar 2017“ ќе биде отворен на 25 октомври со промоција на романот „Ла Суперба“ од Холанѓанецот Илја Леонард Фајфер, наречен „стилски гениј“. Како и во минатите две изданија, десетдневната фестивалска програма е симбиоза на различни книжевни настани. Повторно во фокусот се гостувањата на авторите и промоциите на нивните дела, кои ќе се одржат во Клуб ресторанот на Младинскиот културен центар со почеток во 20 часот.

За време на фестивалот сите наслови од авторите учесници ќе се продаваат по саемски цени во книжарниците на „Антолог“. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура, Амбасадата на Кралството Холандија и програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија