„Травијата“ со Ана Дурловски за отворање на 45. Мајски оперски вечери

Со премиера на операта „Травијата“ од Џузепе Верди во режија на Верена Штојбер од Германија, на 9 мај во Македонската опера и балет ќе бидат отворени 45-тите Мајски оперски вечери.  Во насловниот лик ќе настапи сопранот Ана Дурловски, диригент е Џанлука Мартиненги од Италија, сценографијата и костимографијата се на Софија Шнајдер од Германија, а кореограф на претставата е Саша Евтимова.

За премиерната постановка на „Травијата“ на македонската оперска сцена, режисерката Штојбер вели дека за неа Ведри е еден од најголемите раскажувачи на сите времиња и дека со „Травијата“ тој уште еднаш ги крши табуата.

– На сцената не донесува кралеви и кралици или херои, што било пракса на оперските композитори на времето. Напротив, на сцената тој донесува „нормални“ луѓе. Но, и повеќе од тоа: дозволува главниот карактер во операта да биде една жена со низок морал, љубовница. Јас не го оправдувам лицемерието на патријархалното општество во кое не е проблем мажите да имаат жени и девојки на страна, но е проблем кога некој, а во случајот на „Травијата“ тоа е Алфредо, ги прекршува правилата и се вљубува во една од љубовниците, и дури и полошо – решава да живее со неа. Ова не е типичен пример како светот во кој мажите доминираат функционира, и е нешто што не смее да се случи. За да не дојде до тоа, го имаме Жермон, за мене најлицемерниот од сите ликови, човек кој зборува за чест и гордост, иако самиот е решен да ги уништи животите на другите луѓе за да ја спаси сопствената репутација, истакнува Штојбер.

Затоа е потребно, вели таа, да се бориме против егоизмот и нарцисизмот со многу љубов и страст, на начин на кој  тоа го прават Виолета и Алфредо. – И иако за нив е веќе доцна на крајот, тие можеби и придонесуваат за нова, поинаква иднина, додава режисерката.

МОБ во соопштението наведува дека операта „Травијата“ е една од темелите на светскиот оперски репертоар. Изобилува со фантастични музички сегменти што имаат огромна популарност на оперските и концертни подиуми ширум светот.

– Токму генијалната музика, но и комплексното „безвременско“ либрето и живописните ликови кои зборуваат за универзалноста на човековата природа ја сместуваат „Травијата“ меѓу најпопуларните, и истовремено најинтимни оперски ремек-дела на Џузепе Верди… „Травијата“ со Ана Дурловски во насловната улога на големата сцена ја поставува реномираната германска режисерка Верена Штојбер, креирајќи моќна продукција чиишто главни атрибути се смелото сценско дејствие и визуелниот квалитет. Вистински празник за вљубениците во оперската уметност, на отворањето на јубилејните 45. Мајски оперски вечери, соопшти МОБ.

Покрај Ана Дурловски во улогата на Виолета Валери, во новата „Травијата“ ќе настапат и: Дарко Нешовски (Алфред Жермон), Борис Трајанов, Марјан Јованоски (Жорж Жермон), Николина Јаневска (Флора), Александра Лазаровска-Василевски (Анина), Владимир Саздовски (Барон Дуфол), Драган Ампов (Маркиз Д’Обињи), Дамјан Попоски (Гастон), Борко Биџовски (Гренвил), Игор Гиновски (Џузепе), Ернес Ибраимовски (Комесарио), како и оркестарот, хорот и балетскиот ансамбл на МОБ.

По премиерата на отворањето на Мајските оперски вечери на 9 мај, „Травијата“ репризно ќе биде одиграна два дена потоа, на 11 мај.