Светска премиера на „Бикини Мун“ на Манчевски во Бразил

„Бикини Мун“, петтиот игран филм на Милчо Манчевски, на 21 октомври ќе има светска премиера на фестивалот во Сао Пауло, Бразил, кој е најголем во Латинска Америка и еден од најголемите во светот. Филмот ќе игра во програмата специјални презентации, објави фестивалот. Манчевски ќе биде присутен за разговор со бразилската публика и за дискусија за моралноста и документарниот филм.

– Куриозитет е дека првпат играат два филма од ист автор на еден фестивал – светска премиера на „Бикини Мун“ и бразилска премиера на кусиот експериментален „Крајот на времето“. Манчевски е популарен во Бразил уште од „Пред дождот“ што освои награда токму во Сао Пауло и беше филм на годината и во оваа и во други земји во Латинска Америка. Јужноамериканска премиера во Сао Пауло имале и сите филмови на Манчевски, а на универзитетите во Бразил и Латинска Америка тие се дел од наставната програма, соопшти Банана-филм.

Манчевски за „Бикини Мун“ вели дека има формат на лажен документарец, зборува за експлоатација на единката од страна на медиумите.

– Инспирација беше доминацијата на снимање денес – од прислушување на Големиот брат до селфи на Фејсбук. „Бикини Мун“, како и моите досегашни филмови, зборува за природата на вистината, лагата и илузијата. Филмот го има мирисот на Њујорк, снимен е на повеќе локации во градот кој ми е втор дом и многу го сакам. Имаме извонредно талентирана екипа – и актерска и филмска. На овој филм се изборив за апсолутна креативна слобода, без мешање од финансиери, продуценти или политичари, со целосна доверба и хармонична соработка. Ова е еден од ретките американски филмови каде што авторот има право на фајнал кат (право на финална верзија), изјави Манчевски за својот најнов филм кој е прв во  кој не учестува Македонија.

„Бикини Мун“ е снимен во Њујорк, и е копродукција меѓу САД, Германија и Канада. Бикини е харизматична, темпераментна и неспокојна поранешна жена-маринец, која се враќа од Ирак и ненамерно станува центар на документарен филм, додека се обидува одново да се интегрира во општеството и да си го поврати старателството врз малата ќерка.

Во насловната улога настапува Кондола Рашад, позната од новата ТВ-серија во САД „Милијарди“ и од бродвејската верзија на Шекспировата „Ромео и Јулија“ со Орландо Блум. Рашад е, инаку, ќерка на позната актерка – Фелиша Рашад која се прослави со серијата „Козби шоу“. Другите главни улоги Манчевски им ги додели на актерите во подем Сара Голдберг, Вил Џеновиц и Сатја Сридхаран.

Директор на фотографија е младиот њујорчанец Џошуа Вајнстин, а продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Лондон, кој соработува со Манчевски на сите негови филмови.

„Бикини Мун“ е прв долгометражен филм на Манчевски во САД по епизодата на серијата Прислушкувачи (The Wire) која тој ја режираше за „Ејч-Би-О“ во 2002 година.