Стругар Митевска: Филмот „Кога денот немаше име“ е крик за нешто подобро

Филмот „Кога денот немаше име“ е инспириран од трагичниот настан кај Смилковско Езеро, но не го отсликува на никој начин вистинскиот живот на тие млади луѓе, изјави на денешната прес-конференција режисерката на филмот, Теона Стругар Митевска.

– За мене трагедијата беше почетна точка да навлезам подлабоко во суштината и да се прашам, како како општество сме дозволиле да стигнеме  до тој стадиум, каде невини животни се изгубени во име на некакви фантомски интереси. Во филмот зборувам во име на сите млади луѓе, за таа една изгубена генерација, која нема можност да биде друго освен тоа, една насилна и нетолератана, бидејќи ништо подобро и немавме пружено. Младите учат од пример. Моето прашање е каков пример им даваме? Овој филм е крик за нешто подобро, нагласи Теона.

„Кога денот немаше име“ вчера ја имаше својата  кино премиера. Продуцентката на филмот е Лабина Митевска, која информира дека тој е снимен кон крајот на 2015 година, во 2016 бил монтиран, а светската премиера ја доживеал на Берлинале во 2017 година.

Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија и Словенија, поддржан од фондовите на овие земји и од најголемиот Европски филмски фонд, Еуримаж. Четириесет и шест отсто или 487.000 од 1.050.000 евра се доделени на конкурс на Агенцијата за филм на РМ, потоа Белгија учествува со 24 отсто, Словенија со десет, 16 отсто од Еуримаж и четири отсто од сопствено учество.

Лабина истакна дека процесот на снимање бил фантастичен, траел шест недели, работела интернационална екипа од цела Европа.

Во филмот глумат шест млади луѓе, Леон Ристов, Ханис Багашов, Драган Мишевски, Стефан Китанович, Иван Вртев Шоптрајанов и Игорчо Постолов.

Лабина Митевска претходно овој месец упати отворено писмо до премиерот Зоран Заев со барање да го отпушти Златко Теодосиевски, посебен советник на министерот за култура Роберт Алаѓозовски, затоа што во колумна на неговиот блог напиша дека во филмот има говор на омраза против Албанците.

Теодосиевски меѓудругото во колумната насловена „Политикантски памфлет“ филмот го нарекува зло кулминирано во деведестина минути.

Митевска реагираше со писмото до Заев, во кое вели дека советникот обвинува за нацизам, неа и Теона ги нарекува Рифеншталки.

Таа изрази очекуваwe Заев да го смени Теодосиевски заради заштита на слободата на изразување.

– Да се биде добар уметник, за да креираш уметничко дело важно е да бидеш искрен. Да бидеш чист, живееме во општество каде се е политичко обоено. Многу малку луѓе имаат можност да мислат со своја глава. Или сум со овие или со оние. Па како можеме да одиме напред, како може како уметник да искреираш нешто ако не смееш и не можеш да размислуваш со своја глава, изјави денеска Теона.