Почитувани,

Во врска со интервјуто на Бугарскиот Министер за одбрана Красимир Каракачанов кој за нивен медиум во Скопје провокативно изјави дека Илинден е Бугарски празник, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски ја упати следната реакција:

Македонската Алијанса најостро ја осудува провокацијата на Красимир Каракачанов кој среде Скопје, триумфалистички ја повтори својата позната идентентистичка и националистичка реторика. Не издржа ни еден ден, а Бугарската Влада веќе го прекрши Договорот за Добрососедство. Красимир Каракачанов не е од вчера и како актуелен Министер за одбрана во Владата на Бојко Борисов точно знае какви последици ќе предизвика неговата провокација.

Гоце Делчев и Даме Груев ќе станат Бугари тогаш кога Красимир Каракачанов ќе докаже дека на Марс има Бугарска колонија. Ниту “Илинден” е Бугарски празник, ниту ние имаме заедничка историја со нив. Македонија и Македонскиот народ, особено за време на Втората светска војна, беа на вистинската страна, на фронтот за слобода и правда, се бореа против фашизмот, и заради тоа беа жртва на Бугарската окупаторска војска. Тоа е еден од најпрецизните историски факти дека Македонците и Бугарите не се и никогаш не биле ист народ.

Бараме од Владата на Зоран Заев и Радмила Шекеринска веднаш да ја осудат провокацијата на Красимир Каракачанов и да побараат од Бугарскиот Премиер Бојко Борисов веднаш да се огради од ваквиот став на неговиот Министер за одбрана.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров да го прогласи за “персона нон грата” и да му забрани влез во Македонија. Ако Грчките погранични власти можеа мене, со Американски пасош, да ми забранат влез, само заради тоа што сум Македонец, Владата може да ги заштити своите национални интереси и веднаш да му забрани влез на еден Каракачанов кој во Македонија, каде беше примен со сите Државни почести, се обиде да не понижи како народ.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска да се заблагодари и веднаш во знак на протест да ја испрати назад во Софија сета воена помош што ја доби Македонија за справување со пожарите. Се додека Красимир Каракачанов е Министер за одбрана на Бугарија не прифаќаме никаква пнатамошна соработка.

Македонслата Алијанса ја повикува ЕУ и НАТО Алијансата да реагираат на оваа провокација на Министер на нивна земја членка, бидејќи со вакви потези се рушат сите принципи и вредносни стандарди на кои почиваат овие сојузи.

Дрскиот однос на Красимир Каракачанов е доказ дека бевме во право дека Бугарските власти немаат искрен пристап во обидот да се затворат отворените прашања што ги оптеретуваат нашите билатерални односи со децении. Во спротивно, со Договорот експлицитно ќе го признеа Македонскиот национален идентитет и ќе прифатеа обврскс да ги спроведат пресудите на Европскиот Суд за човекови права и да го регистрираат ОМО Илинден-Пирин.  Со ваков Договор Македонија  попушта несразмерно многу и прифаќа одредби со кои си пука директно во нога нанесувајќи огромна штета на своите меѓународни позиции.

Македонската Алијанса уште еднаш предупредува дека евентуалната ратификација на ваков Договор ќе и даде дополнително погонско гориво на официјална Атина да ни го зададе последниот удар, со аргументација дека ние самите сме се откажале од нашиот национален Македонски идентитет.

Затоа, доколку Договорот за добрососедски односи со Бугарија, во ваква форма на сила се ратификува во Собранието, Македонската Алијанса со сите политички средства ќе се бори Македонија еднострано да го раскине Договорот, повикувајќи се на членот 13, точка 3.

Македонскиот народ со своето отсуство на Мечкин Камен на прославата на Илинден покажа дека нема да дозволи ниту пак да прости велепредавство, без разлика дали се прави со сторување или лажно противење.

 

 

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Претседател,

                                                                                 Ѓорѓија Џорџ Атанасоски