Стопанската комора на Македонија со поддршка за владиниот план за економски раст

Стопанската комора на Македонија денеска соопшти дека ги поддржува мерките од владиниот план за економски раст, а ја  поздравува и одлуката на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на државни тендери да не учествуваат фирмите во негова сопственост.

Од Комората наведуваат дека мерките од владиниот план генерално ги содржат насоките и барањата на деловната заедница за кои Комората континуирано имала свои предлози и укажувања до креаторите на економската политика.

– Бидејќи се работи за сет на мерки за поддршка на стопанството како дел од новата индустриска политика која ја носи Владата, а имајќи во предвид дека истите треба да бидат применливи за сите компании независно на нивната големина или потеклото на капиталот, Стопанската комора на Македонија очекува дека во континуираниот дијалог во следниот период, секој предлог за нивно надополнување или измена ќе се земе во предвид при финалното концепирање и усвојување на мерките, велат од Комората.

Оттаму посочуваат дека основата на владиниот план во одредена мера се совпаѓа со моделот на економски развој што Комората го промовирала во 2010 година.

– Идејата за тој модел беше да се поттикне производството и извозот, во чија основа ќе биде и економската поврзаност со претприемачите од малите земји, задолжителна консултација на бизнисот при донесување на законите и подзаконските акти, поддршка и промоција на извозот како потреба на бизнисот, привлекување на странски инвестиции како приоритет за зголемување на надворешно-трговската размена, а притоа ставајќи фокус и на домашните компании со соодветна поддршка, наведува во соопштението Стопанската комора на Македонија.

Од Комората ја поздравуваат и одлуката на вицепремиерот Анѓушев за неучество на неговите фирми на државни тендери, а од Владата бараат, доколку постојат правни празнини, да се регулираат за да се оневозможи било каква сомнителна ситуација.