СТАРТУВА ЕП ВО КАЈАК НА ДИВИ ВОДИ

Почнувајќи од утре па до 14 мај, Скопје ќе биде домаѓин на најдобрите кајакари на диви води од Европа, во дисцилините спринт и класик. Натпреварите ќе се одржуваат на реката Треска, а ќе настапат вкупно 176 кајари од 18 земји. ЕП се одржува под покровителство на АМС, а свеченото отворање е закажано за во 20 часот на Градскиот плоштад.

-Подготовките се завршени. Очекуваме околу 180 старта, што укажува на масовноста на ова натпреварување. Што се однесува до квалитетот, за тоа зборуваат имињата на учесниците. Да споменам дека во Скопје се наоѓаат словакот Матеј Бенуш, второпласиран на ОИ во Рио, потоа Нејц Ждинанчич од Словенија, Томислав Леко од Хрватска, одличен тим има Франција. Се се тоа имиња од европскиот и од светскиот врв – изјави спортскиот директор на кајакарската федерација на Македонија и технички организатор на натпреварувањето, Атанас Николовски.

Македонскиот тим брои седум натпреварувачи, од кои четворица во К1, еден во Ц1 и двајца во Мастерс. Најмногу надежи за освојување медали се полагаат во Љубомир Спасиќ, кој беше втор во европскиот куп во спринт.