ССК и АЦВ потпишаа Меморандум за соработка

Користење воздухоплови за комерцијален транспорт, за специјализирани услуги и карго, воведување нови дестинации за полесна комуникација со потенцијални партнери и инвеститори од странство, како и употреба на дронови, се само дел од најсовремените трендови што заеднички ќе ги детектираат Сојузот на стопански комори (ССК) и Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) на РМ со цел поголема продуктивност на бизнисот.

ССК и АЦВ со потпишување Меморандум денеска ја официјализираа досегашната соработка и најавија нејзино интензивирање во различни сегменти.

– Заедно ќе работиме на детектирање на светските трендови и искуства во различни сектори и области од индустријата. Целта е да се зголеми продуктивноста на компаниите, а притоа да се запази општествената одговорност. Користењето дронови особено во земјоделството покажува дека е многу попродуктивно и поекономично од конвенционалниот метод кој чини поскапо и за кој е потребно повеќе време, истакна извршниот директор на ССК Александар Зарков по потпишувањето на Меморнадумот.

Според директорот на АЦВ Горан Јандреоски, соработката со компаниите и приватниот сектор воопшто е од голема важност и претставува импулс повеќе  во развојот на општествените процеси.

– Заедно ќе работиме на едукација, обуки, конференции, меѓународни настани и проекти кои ќе придонесат за реализација на зацртаните цели и јакнење на соработката, подвлече Јандреоски.

Прва позначајна активност по официјализирањето на соработката меѓу ССК и АЦВ ќе биде, како што најавија Зарков и Јандреоски, работилницата за јавни набавки во ЕБОР. Целта на работилницата е воспоставување професионален дијалог околу најдобрите практики во јавните набавки за обезбедување квалитетна конкуренција на проектите во јавниот сектор.