Средба на Османи со австрискиот вицеканцелар и министер за правда Брандштетер

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија Бујар Османи во рамките на посетата на Салцбург, Австрија каде присуствуваше на 13. конференција на европски градови и региони на тема „Наредната генерација на нови земји – членки на ЕУ“, во организација на Институтот на Регионите на Европа, оствари средба со вицеканцеларот и министер за правда на Република Австрија, Волфганг Брандштетер.

На средбата, соопшти кабинетот на вицепремиерот, Османи го запозна вицеканцеларот Брандштетер со новата политичка состојба во Македонија, новиот европски оптимизам и европска агенда на Владата, како и Планот 3-6-9, како реформски план за откочување на евроинтегративните процеси на Македонија. Во рамките на Планот, особено се разгледуваше делот на реформите на правосудството кои се содржани во Планот 3-6-9, како и забелешките и препораките во Извештајот подготвен од страна на високата експертска група предводена од Рајнхард Прибе.

– Со внимание го проследивме новиот извештај на високата експертска група, предводена од Рајнхард Прибе, и при изготвувањето на деловите шест и девет од Планот 3-6-9, истите во целост ќе бидат имплементирани, рече Бујар Османи на средбата.

На средбата е отворена и темата за предизвиците врзани за мигрантската криза, при што, вицепремиерот Османи ја реафирмираше подготвеноста на Република Македонија, за целсона соработка со Фронтекс и телата на Европската Унија кои работат на справување со ризиците од мигрантската криза согласно нормите, принципите и правилата на Европската Унија.